Колку заштита е доволно?: епидемијата на токсично родителство

Австралиски автор и директор на неколку училишта тврди дека е сè потешко да се раководи со ваква институција. Не поради децата, туку поради нивните родители.

Џoн Марсден со децении пишува книги во врска со наставна методологија и основање училишта. Но во најновата, под наслов „Уметноста на растењето“ делува најзагрижено до сега. Причината: денешните родители претеруваат со родителствување, на штета на генерации кои растат прекумерно заштитени и без потребната самодоверба.

Книгата, која е конципирана како манифест, зборува за проблематичната состојба во која родителите се заљубени во своите деца, наместо едноставно да ги сакаат. Заслепени, тие се подготвени да ги бранат и кога тие не се ни од далеку толку невини, послушни и талентирани колку што ги мислат по дома.

Ваквото „отровно родителствување“ според него има огромни последици, и иако тоа не е исто што и емоционална злоупотреба сепак претставува „лошо разбран и погрешно насочен пристап“ кој предизвикува значајна емоционална штета, инфантилизација на децата како чисти, беспомошни суштества.

Ова се случува заради една до некаде разбирлива причина - стравот на родителот, но во случајов пренагласен, и не само од физички повреди, туку од се и сешто. Тој ирационален и апстрактен став на родителот од детето прави исто така уплашен човек: тоа не смее да трча, не смее да ракува со стап, не смее да се качува на дрво...Со ограничувањето на изложеноста на опасност ја ограничуваме детската пособност тие да созреат, да изградат механизми на заштита и отпор и да станат независни. Марсден бил сведок кога родители на четиригодишни деца не им дозволуваат да излупат ни мандарина.

Авторот е директор на две приватни училишта во државата Викторија, и тука сè е спротивно: децата МОЖАТ да се качуваат на дрва, да возат точаци, да кампуваат и да не носат униформи. Ама тоа се скапи училишта, додека во другите, дури и во земја со толку празен простор како Австралија, терените за рекрација се големи колку кошаркарски игралишта и на нив генерално не смее да се прави ништо „опасно“. А опасно, во очите на параноичниот родител-снегулка, е сè.

16 септември 2019 - 11:42