Колку пати ракописот на Војнич ќе биде „конечно“ дешифриран?

На секои два-три месеца се појавува по некое ново тврдење за содржината на текст кој не е дешифриран со векови. Овој пат главни актери се еден историчар-аутсајдер и едно угледно книжевно списание. Спојлер: замислениот автор на кодираниот ракопис уште се смешка од некој ќош.

Најпознатиот случај во историјата на криптографијата, ова е ракописен кодекс најверојатно од Италија од раниот 15 век, напишан на до сега недешифрирано писмо. Именуван е според Вилфрид Војнич, дилер со книги кој го купил во 1912. Има 240 страници, текстот на нив е напишан од лево кон десно, а повеќето содржат илустрации или дијаграми.

На неговото дешифрирање имаат работено куп професионалци и аматери, вклучувајќи ги и американските и британските декодери и од Првата и од Втората светска војна. „Кодот на Војнич“ има поттикнато толку многу теории (вклучително и таква дека се работи за „местенка“, односно дека текстот и онака е пишуван за да биде бесмислен) што често се случува да излезе вест дека ете, конечно е дешифриран.

Така се случи и неодамна, кога неделното книжевно списание The Times Literary Supplement излезе текст со помпезен наслов: „Ракописот на Војнич: решението“. Статијата, потпишана од Николас Гибс, сугерира дека текстот е средовековен здравствен прирачник за средовековни жени, копиран од постари извори. И дека „јазикот“ на кој е напишан воопшто не е некој посебен јазик, туку дека се работи за кратенки кои дешифрирани даваат медицински рецепти.

Ваквото откритие би требало да предизвика тектонски потрес во светот на декодерите и љубителите на мистерии. Но речиси сите го отфрлија, и тоа без некоја голема помпа. Дури има и теорија дека целата статија е сатира, бидејќи Гибс во неа вклучува и импресивно количество автобиографија, нотирајќи дека бил професионален историчар, муралист, поранешен вработен во аукциската куќа Кристис и потомок на големиот англиски ботаничар Томас Фромонд, и сето ова како аргумент во корист на тврдења. Сепак, угледноста на списанието во којшто е објавен, покажува дека текстот имал намера да биде прилично сериозен.

Во него, како што укажуваат критичарите, има многу работи кои се веќе преџвакани. Така, врската помеѓу ракописот на Војнич и De Balneis Puteolanis, прирачник за капење, на којашто укажува Гибс пронаоѓајќи слични илустрации во обата текста, е одамна забележана и објавена на популарниот сајт посветен на темата, Voynich.nu. А неговото суштинско тврдење, дека секој знак во ракописот е скратен збор, а не буква, дава реченици кои не се граматички коректни, и не резултира со разбирлив латински. Најсмешно е сепак неговото тврдење дека ракописот - кој, нели, според него треба да е здравствен прирачник - воопшто не содржи зборови за болести или имиња на видови растенија (кои би требало да се користат во рецептите). Објаснувњето на Гибс - индексот кои ги поврзува рецептите со болестите и билките е загубен!

Од целава приказна остануваат три работи - прво, дека куп медиуми побрзаа да се шлепаат на веста која подоцна сами ја демантираа (но притоа направија доста сообраќај), второ дека дури и угледни списанија како ТЛС, кое како додаток на Тајмс излегува од 1902 и во него објавувале Вирџинија Вулф и Хенри Џејмс си дозволува и вакви „излети“, и трето дека кодот на Војнич си останува исто толку мистериозен и интересен колку што си беше и претходно. До следното големо „откритие“.

12 септември 2017 - 10:36