Карлин и македонскиот

Која е „мајка Јана“, и зошто тиквите се шарени?

Eдна читателка ни прати клипче во кое Џорџ Карлин анализира секојдневни изреки од англискиот, кои според него баш и немаат некоја смисла. А што е со слични такви во македонскиот, кои извадени од контекст звучат не само неразбирливо, туку и смешно?

Eве ги примерите на Карлин:

А ова се наши предлози:

„Се продава ко алва" - слично како примерот кој го дава Карлин, со sells like hot cakes. Дали баш алвата е производот кој денес е најбаран и најкупуван, или можеби посоодветно би било „се продава ко карти за концерт на Аца Лукас"?

„Гола вода" - демек нешто што лесно се учи или извршува. Ај за вода, можеме да замислиме дека е метафора за нешто што тече без препреки. Ама гола? Слично стојат работите и со „боза", по малку ретро израз за истата, лесно завршена работа. „Прашањата на екстерно беа боза" - слатки биле, вкусни или калорични? Или ги смислувале во „Апче“?

„Трчилаж" - секој кој се обидел да трча и да зборува во исто време знае колку е тоа тешко, па уште и да мораш да смислуваш лаги дур едвај доаѓаш до здив. Можеби изразот сака да каже дека некој лаже исто толку брзо колку што (може да се) трча, или пак тоа му лежи природно, како трчањето. Во секој случај се работи за интересна мешавина на ментална и спортска дисциплина.

„На коњ сме" - со значење супер ни е, добро ни оди. Можеби некогаш да имаш коњ или да шеташ на коњ било знак на престиж, но денес повеќето од нас качени на коњ од него би паднале во првата минута, ако воопшто успееме да се качиме. Освен ако не се мисли на бронзен коњ, ама за тоа треба да си: 1. народен херој/деец, 2. мртов. А со второво баш и не си на коњ.

„Ќе го направам тоа и тоа па мајка Јана" - Карлин би рекол - who?? Која Јана, и зошто баш нејзината мајка? Ова е една од фолклорните мистерии која тешко дека ќе биде разрешена во догледно време.

„Му ја тури чивијата" - освен на класично фројдистичко толкување, по кое додуша можевме да посегнеме и за гореспоменатиот коњ, ни текнува само уште едно: да туриш некому нешто, во случајов мисла во глава која не престанува да мачи, е комуникациски чин, во кој едниот е давател (на информација), а другиот примател, кој истата ја прима со мешавина на љубопитност, страв и желба да дознае повеќе. Хм..кога ќе видиш, можеби овие две толкувања и не се толку различни.

„Тикви (шарени) ми кажа" - саркастично опоменување на соговорникот дека нешто е лага, со позајмување метафора од растителниот свет, отсек зеленчук. Зошто токму тиква, па уште и шарена? Енигмата е полесна за разрешување кога во истиот израз се употребуваат „крастајци", или ако се гледа „Ноќ на земјата" на Џармуш, сцената со Роберто Бењини и бискупот во такси.

Повелете во коментари, што би рекол Карлин, со свои зборови..

14 јули 2013 - 17:43