Koj бил најбогатиот човек на сите времиња?

Се викал Манса Муса, бил император на Мали, а еднаш ја пореметил египетската економија само затоа што поминал низ земјата.

Секоја година читаме за тоа кој ја презел титулата најбогат на планетава, и главно тоа е трка помеѓу сопственици на технолошки компании или онлајн продавници. Но ни Џеф Безоз, ни Бил Гејтс не можат да се пофалат дека им се приближиле на најбогатите луѓе на сите времиња, како на пример на Цезар, кој во еден период лично го поседувал цел Египет, или на императорот Шензонг, од династијата Сонг, чие богатство во еден момент изнесувало 25-30% од светскиот БДП. Сепак, за нај-нај богат се смета Манса Муса, царот на Мали.

Нова изложба во Смитсонијан под наслов „Каравани од злато, фрагменти од време: уметност, култура и размена во средовековна сахарска Африка“ го покажува влијанието на трговските рути низ пустината во средниот век, како и тоа дека во западна Африка и Сахара во тоа време постоеле силни, богати и уметнички ориентирани култури. Овој факт до сега бил генерално прескокнуван во западните историски наративи и истории на уметноста, а за ова да се промени кураторите вложиле осум години во собирање материјали, меѓу кои 250 уметнички дела и артефакти од повеќе африкански нации, како Мали, Мароко и Нигер.

Еден од нив е репродукција на Каталанскиот атлас, направен на островот Мајорка околу 1375 (слика горе), чии страници ги опишуваат огромните трговски патишта близу и низ Сахара. Во центарот се наоѓа илустрација на Манса Муса.

Владетелот од 14 век седнал на престолот во време кога империјата Мали веќе била извор на голем број природни ресурси, како злато и сол, користени во Европа, Африка и на Блискиот исток. Но под Муса влијанието и богаството уште повеќе пораснале, за на крај под Мали да потпаднат и денешните Сенегал, Гамбија, Гвинеја, Нигер, Нигерија, Чад и Мавританија.

И покрај ова, поширокиот свет немал чуено за Муса до неговиот аџилак во Мека во 1342. Свитата со која патувал била толку голема - 8.000 слуги, 12.000 робови и 100 камили од која секоја носела по 150 кила злато - што не можела да остане незабележана. Додека минувал низ Египет протокот на злато толку се зголемил, што цената драстично му паднала и довело до економска криза од која Египет излегол дури по 12 години.

Нема прецизен начин да се процени колку богат бил Муса по современи критериуми. Но неговото богатство е само симбол на истото тоа на регионот во кој владеел, а во кој се одвивал проток на луѓе и идеи привлечени од најголемите и најчистите резерви на злато во светот.

извор

7 февруари 2019 - 14:07