Кога машините за перење свират на харфа

Бизнисот на изработка на „џинглови“, потсетници и аларми за различни апарати за домаќинството цвета. Но дали звуците што ги испуштаат тие навистина им прават разлика на потрошувачите или само создаваат непотребна врева?

Ова е аудио сигналот за „кревање“ на Епл компјутер. Компаниите одамна го користат звукот за да ги профилираат своите брендови, и да создадат чувство на блискост, дури и приврзаност кон нивните производи. Микрософт отиде до таму што го ангажираше и Брајан Ино за да ја „искомпонира“ увертирата од шест секунди за Виндоус 95.

Но во последно време звуците станаа пософостицирани. Апаратите за домаќинство сега веќе не прават само „биип“ или „т’к“ како претходно, само за да означат почеток или крај на некој процес. Тие веќе свират цели парчиња музика, а за тоа се ангажираат експерти за компонирање нотификации. Според еден од нив тие „не создаваат врева, туку холистичко искуство кое поттикнува благосостојба“.

Ова можеби звучи претерано, но човекот секогаш се потпирал на звуци за да ја толкува околината. Гласното потпукнување, на пример, е сигурен знак дека дрвото добро гори; црцкањето на месото дека тоа се пече. И пред-дигиталните машини имале свои „алерти“ - часовниците отчукувале на секој час, леќите на фото-апаратите кликале. Овие звуци не биле намерно додавани на машините, но кога тие ги испуштале сме знаеле дека работат.

Ран пример за апарат кој испуштал звуци и на тој начин пренесувал податоци бил Гајгеровиот бројач. Измислен во 1908 за да мери јонизирачко зрачење, тој преку аудио сигнали го означува присуството на алфа, бета или гама честички. Истражувач кој ги проучува начините на кои комуницираме со машините го има популаризирано терминот за вакви звуци кои дејствуваат како средства за пренесување информации: увослик (earcon, ear+icon) - звучна наместо визуелна претстава.

Во 1950тите и 1960тите, со подемот на изработката на бела техника за поединечна употреба, расте и бројот на „бипови“, во почетокот монофонични, кои информираат дали алиштата се испрани или дека кафето е готово. Еден од најсмешните примери бил звук на Вестингхаус машина за сушење од 1952, инспирирана од песна од времето на прохибицијата „Колку сум сув“ (тука во изведба на Јоргос Батис)

А ова е во изведба на машината

Дигиталната револуција направи стоките за широка потрошувачка да можат да свират аудио фајлови со МП3 квалитет. Некои се прилично едноставни, но други имаат поголеми амбиции - на пример машини за перење кои свират на харфи, што би требало да асоцира на семејна нежност и љубов, или индивидуализирана мелодија изведена на „калимба“ (африкански жичан инструмент) за „смарт“ рерна.

Но сега звуци има толку многу, и доаѓаат од толку многу извори, што тоа веќе иритира. Се зборува за тн. „замор од аларми“ (alarm fatigue) кои прават во сета таа врева да не можат да се слушнат вистинските и битни звуци на предупредување. Соничното брендирање оттаму е подобро да не завлегува во барокни експерименти, туку да се концентрира на минималистичко пренесување информации - со помалку ноти кои ќе кажат повеќе.

Види претходно: Осврт за книгата „Соничен бум: како звукот го менува начинот на кој мислиме, чувствуваме и купуваме“

11 септември 2019 - 08:20