Есеј без коса

Ќелави од сите земји - помирете се!

Милош Васиќ за ноќната мора на повеќето мажи - феноменот на губење коса, уште познат и како ќелавење. Не се мачкајте со мед, пелин или газија, и ве молиме, никако не се чешлајте на „октопод“.

И онака на нас жените сте ни само предмет кој служи за потпирање на главата, и тоа нема никаква врска со косата.

Пред неколку години го тешев мојот пријател Боро Рашета: на темето му се појави, ова, хм..кругче, па дечкото се загрижи за неговата косичка. Мене, кој сум практично целиот живот ќелав, таа грижа никогаш не ми била разбирлива. Тоа е божја волја, генетика, и сега што? Навистина не гледам причина за нервоза. Ете, Боро, му реков, гледај колку има ќелави а шармантни мажи, жените ги сакаат и сега што? За себе и да не зборувам. Ишишај се на кратко, имаш згодна личка тинтара, ако веќе немаш коса како Тонино Пицула или како Љубо Ќесиќ Ројс (тука Палма Јагодинец), и пак си мирен. Понатамошните утехи одеа вака:

Кога бев мал го прашав татко ми (кој беше исклучително згоден човек, ќелав како топка билијард, но жените го сакаа) зошто нема коса. Тоа е сè од ум, ми рече татко ми: како умот ми расте во главата, така низ тие дупчиња ја истиснува косата. Подоцна пронајдов епизода од животот на Цезар во некои римски списи. Клеопатра на ќелавиот Цезар му препорачала да ја мачка главата со балзам од мед, пелин и лозов лист, затоа што тоа лечело: додека седел така намачкан, влегла чистачката и прашала што е со главата на божествениот Цезар, тој ѝ одговорил, а таа му рекла: „Човек може да има или коса или памет, не може и двете. Ти си доволно убав, господару, и таков каков што си; и бидејќи бесмртните богови ти дале добар ум, мислам дека не ти намениле и локни." Цезар после тоа сакал чистачката да ја внесе во Сенатот.

Така и една моја рана сопруга сакаше да ме излечи од постепеното но сигурно ќелавење, па од Франција нарача нешто што се викаше Петролхан, смрдливо како што вели и самото име. Заврши во Петромакс ламба, затоа што беше 90% газје.

Лекови против ќелавост има колку што сакаш, и секако сите се лага. Американците на пример имаа некое змијско масло, Бог да чува. Нема помош за оваа работа, добри мои маж и убави мои жени: сопствената ќелавост треба да се прими со филозофски мир и на неа да се биде горд. Ете, на пример, да го земеме оној ноторен сноб Валери Жискар д'Естен: стана претсеател на Франција затоа што имаше убава ќелава главетина, и прекрасни долги прсти кои знаеше да ги преплетува пред ТВ камерата, така за Французинките да гласаат за него. Ни тој ни Цезар не се единствените славни ќелави во историјата: сетете се само на Јул Бринер и на уште неколкумина. Во денешно време, меѓутоа, угледот на нас, вистинските ќелави, го уништуваат овие новокомпонираните турбо-мангупи, безвратни ќелавковци и јапи, кои се држат до таму некоја си мода, па се шишаат на нула. Разликата сепак се гледа, и молам тоа да се забележи.

Посебно е тажна приказната за луѓето кои не можат да се помират со природниот и од бога даден факт дека се ќелави. Најниско ниво се оние кои носат перика, то ест „тупе", тоа е тажно и достојно за сожалување. Не се многу подобри ни оние кои се чешлаат на „октопод", пуштајќи малку коса и префрлајќи ја преку ќелавите зони на главата; кога скокаат во море или во базен тоа фино се размачува околу, па јасно ви е зошто се вика „октопод". А пак оние кои одат кај скапи доктори да си садат нова коса, влакно по влакно! Тоа никогаш не сум можел да го разберам. Не ги разбирам ни оние ќелави мажи кои само пуштаат коњски опавчиња како самураи: на што личат кога ќе ги пуштат? На Обрад Косовац од ХТВ. Мојот споменат господин татко пушташе одмерена тарзанка, но одлично му стоеше: личеше на италијански сенатор; ист onorevole, eccelenza, cavaliere.

Добро, ги разбирам јас косматите и не мислам дека се поглупави од ќелавите. И мене не ми беше лошо додека имав коса. И оваков каков сум морам да се шишам од време на време, затоа што и ова малку коса ми прави рогови на главата. Предност е што не ми требаат ни чешал ни фен. Шеесетите - кога бев млад - косата навистина беше во мода. На нула се шишаа регрутите и робијашите. Нормалните рокери, сите личеа на Теофил Панчиќ.

Но, за тоа требаше да се има квалитетна, цврста и густа коса и носителите со право се гордееа со неа, и редовно ја миеа. Многу девојки им завидуваа, се сеќавам. Долгата коса тогаш беше порака, стејтмент, ознака на припадност, политички став пар екселанс. Долгата коса беше хип, кратката коса стрејт. Поделбата богами беше остра, но тоа е друга приказна. Рециклажа на мјузиклот Коса не би поминала денес.

Затоа, мои мили современици, не се грижете кога ќе забележите дека косата полека ви ја напушта главата. Тоа е од оној ум што мора да расте од внатре. Што ни фали нам, на ќелавите? На жените не им чуе за вашата коса, ним мажот и онака им е само предмет кој служи за потпирање на главата и тоа нема никаква врска со косата. Не може човек да има сè, што би рекла чистачката на Цезар, и памет и шарм и влакнести гради и коса. Што би сакале вие?

автор: Милош Васиќ
извор: „Време"

10 мај 2012 - 16:02