Kaко звучел Париз во 18 век?

Кога некој од скопското минато би можел да ги слушне денешните звуци на градот сигурно би се извадил од памет од сета таа врева и напнатост. А како би било кога ние би можеле да ги слушнеме звуците на Скопје од 18 век? Веројатно би си ја пуштале таа амбиентална музика за смирување во кола, додека се пробиваме на Бит-пазар во работно време.

Звучниот пејзаж околу нас често минува незабележан. Од најблиските звуци - бучењето на вентилаторот на компјутерот, до подалечни како гласното смеење на соседите. Овие микро-звучни околини се дел од пошироките, оние на местата каде живееме и и самите произведуваме звуци.

Милен Пардоен, некој вид музички археолог, направила сонична реконструкција на париската област Гранд Шале во 1739 во соработка со истражувачи од различни дисциплини, како историја, социологија и 3Д репрезентација. Изборот на оваа област паднал заради богатството на позадински звуци произлезени од трговците кои тука имале свои тезги и продавници, како и ехото на специфичната архитектура.

Што се однесува до годината, 1739 е избрана затоа што тогаш градоначалникот на Париз нарачал од професорот Луј Бретез да направи мапа од птичја перспектива на градот, која е толку детална што дава доволно податоци за архитектурата и потенцијалните звуци.

Како што покажува видеото, Париз од 18 век бил многу различен од оној денес. По обидите за реставрација на Луј 14-ти, биле изградени голем број плоштади и споменици, така за сите останати градови на светот да изгледаат „како предградија“ во однос на градот на светлината.

Сепак, во него имало и мрачни ќошиња кои повеќе потсетувале на средниот век, со проститутки и ситни измамници, помешани со поети, сликари и мали продавничиња и меани. Ниту еден од звуците во видеото не е компјутерски генериран, освен оној на пумпата кај Нотр Дам која испумпувала вода од реката.

Со забрзаната модернизација на градот голем дел од звуците исчезнуваат - а во случајот со нашиот за голем дел од нив е подобро и да замолчат и да им отстапат место на други, поспокојни и помузикални.

9 октомври 2018 - 08:59