Како се пишува „Киев“ на латиница?

Kyiv или Kiev? Ова се двата најчести начини на кои се пишува името на главниот град на Украина. Но иако се слични, една од овие транскрипции има непосакувана политичка тежина за Украинците.

Минатата недела американското тело за стандардизирање на географски имиња (US Board on Geographic Names) го разгледа барањето на амбасадорот на Украина во САД, и го замени Kiev со Kyiv. Од сега за Американците второто ќе се смета за коректно спелување на главниот град на Украина.

И голем број други меѓународни организации, вклучувајќи ја Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, сега можеби ќе го следи овој пример. Тоа значи дека повеќето аеродроми низ светот ќе го пишуваат Киев како Kyiv на своите табли за пристигнување и полетување.

А зошто ова би било толкав проблем?

Kyiv е официјалната латинична транслитерација на името на градот на украински, согласно стандардите за пишување на топоними од кирилица на латиница. Од друга страна, Kiev произлегува од рускиот начин на изговор на градот. Овој начин на транскрибирање е поврзано со тн. „русификација“ - забраната на користење на украинскиот јазик во печатени материјали и во кореспонденција која била наметната од руската империја, а потоа и од СССР, за да се засилат руските лингвистички и политички позиции во Украина.

Како независна држава од 1991, Украина се залага украинската транскрипција да биде користена во англискиот и во други јазици. Но ова стана уште посензитивно прашање за голем број Украинци по 2014, годината кога Русија го анектира Крим и ги поддржа сепаратистите во источна Украина, што резултираше со конфликтот кој е се уште во тек. На крајот од минатата, 2018 година, украинското министерство за надворешни почна кампања на социјалните медиуми поттикнувајќи ги корисниците да користат хаштаг #KyivNotKiev, како повик до меѓународните медиуми да ја направат промената.

Оние кои се уште се држат до Kiev се вадат на тоа дека ова е „егзоним“ - надворешно име за географски ентитет, како што на пример Дојчланд е наречена Германија на македонски, Germany на англиски или Allemagne на француски. Тие сметаат дека различните земји имаат право самите да одредат како ќе нарекуваат некоја држава или град, и како истите ќе ги пишуваат.

Разликата руски/украински не се однесува само на името на Киев туку и на други топоними во Украина, кои често се пишуваат согласно руската транслитерација (Chernobyl-Chornobyl; Odessa-Odesa).

24 јуни 2019 - 14:53