Како да визуелизираш звуци со ајфон?

Апликациите за аугментирана реалност главно се користат за комерцијални цели. Иако се скапа „играчка“, има и ентузијасти кои ја користат експериментално. Во овој случај за мапирање и визуелизација на звуци во простор. Следниот пат кога ќе ви дојде да му се издерете некому помислете како тоа изгледа, не метафорично, туку реално.

Зак Либерман е еден од раководителите на Школата за поетичка информатика (да, постои и такво нешто), уметничка академија во Њујорк основана во 2013. Мала група студенти таму ги истражуваат врските помеѓу кодирањето, дизајнот, хардверот и теоријата, формирајќи хибрид на школо, резиденција и истражувачка група.

Негов најнов проект - визуелизација на звуци - се базира на платформата на Епл, ARKit, која им овозможува на дизајнерите правење на апликации за аугментирана реалност, или вметнување на дигитални искуства во физичкиот свет преку ајфон или ајпад (нешто во стилот на Покемон Го).

„Физичкиот свет“ во овој случај е просторијата во која се наоѓате, и звуците кои се слушаат во неа. Тие се регистрираат преку телефонскиот микрофон, а потоа се процесираат и се визуелизираат преку апликацијата на Либерман, точно на местото од кадешто тие доаѓаат. Како во ова видео во кое авторот самиот м’мка и свирка за да го покаже ефектот.

Критичарите велат дека во моменталната форма апликацијата има маани (на пример не ги памти позициите на звучните бранови неограничено), и функционира на мал простор. Сепак, ова е повеќе експеримент и најава за она што ваквите апликации ќе можат да го направат во иднина, како и излегување од комерцијализираната шема на понудени искуства со „појачаната“ реалност.

9 септември 2017 - 12:04