Нова книга за еден стар парадокс

Како да се трудиш без да се трудиш?

„Обидувајќи се да не се обидуваш: уметноста и науката на спонтаноста" е нова книга на Едвард Слингерленд, професор по азијски студии која се обидува да го надмине парадоксот на на наредбите како: Олабави се! Однесувај се природно! Биди спонтан!

Слингерленд го нарекува овој феномен „парадоксот на wu wei", кинески израз за „дејствување без напор". Тој е сличен со концептот на проток (за кој претходно пишувавме тука), состојба на некој вид „транс" која се постигнува кога сте толку занесени со некоја активност што ништо друго не ви е важно. Но wu wei е и нешто повеќе од тоа - тој објаснува зошто некои водачи имаат харизма, и зошто деловни зделки полесно се склучуваат после неколку пијачки.

Овој концепт стана појасен откако во 1993 беа откриени написи на бамбус во едно село во централна Кина. Текстот, напишан повеќе од три века пред нашата ера, вели дека следењето правила и исполнувањето обврски не е доволно за одржување на редот, туку дека политичарите мора да имаат инстинктивно чувство на должност во однос на нивните надредени: „Ако се обидувате да бидете лојален, тоа е не е вистинска лојалност; ако се трудите да бидете послушен, тоа не е вистинска послушност. Не може да се обидувате, но ни да не се обидувате да не се обидувате".

Овој парадокс долго време ги тишти филозофите и теолозите. Меѓу нив и Конфучие, кој промовирал „безнапорна грациозност", која иако звучи лефтерно всушност бара големо количество претходен напор. Конфучијанскиот „господин" требало толку добро да го восприеми соодветното однесување, така што тоа да му стане „природно", па тој да се однесува доблесно без свесен напор. Но таоистите, кои ги формулирале нивните учења отприлика во истото време со конфучијанизмот, сметале дека каков и да е „тренинг" е сепак вештачко наметнување на ригидни правила, наместо поттикнување на веќе постоечките, внатрешни принципи кај секој човек. „Оригиналните хипици", како што ги нарекува Слингерленд, ги отфрлиле материјалистичките амбиции и технологијата на нивното време, и практикувале примитивни форми на земјоделство, не слушале традиционална музика, и се концентрирале на лична медитација наместо на формално образование.

Без оглед на разликите помеѓу овие две школи, древните кинески филозофи биле во право кога инсистирале дека преголема анализа може да доведе до парализа, па оттаму како и да се стигне до wu wei тој може да има харизматичен ефект - создава автентичност која ве прави привлечен/на. Кој е најдобриот начин да заведете некого? Со тоа што ќе изгледате како да ич да не ви е гајле дали ќе го импресионирате, и како да вложувате нула напор во истото.

Желбата да се забележи тој еден „спонтан" момент во бројните изрежирани настапи на јавни личности е оној за кој мислиме дека ќе ни го открие нивниот „вистински" карактер. Нашата култура премногу инсистира на добивање некакви вештини, но во голем број домени успехот се постигнува преку способноста да се излезе вон рамките на обуката и наученото. Тоа и не мора да има за цел некаква манипулација, туку само заштеда на когнитивна енергија за други задачи.

На крај, целата работа околу свесното трудење и неговите негативни ефекти можат да се сумираат со една друга кинеска приказна. Некој селанец еден ден се вратил преморен од работата на поле. „Му помагав на житото да порасне", им рекол тој на домашните. Кога синовите отишле на полето нашле само мртви билки, кои тој ги тегнел со сила да растат.

Поука: садете семиња, наводнувајте ги никулците, но во еден момент оставете ја природата да си го направи своето.

16 декември 2014 - 09:40