Сексологот Ебинг

Имало Фројд и пред Фројд

Има (бар на македонски) интересно име: Рихард фон Крафт-Ебинг. Бил психоаналитичар и сексолог кој работел на ова поле уште во 19 век. Кој му е крив што после него дошол Фројд, кој врз него фрлил голема историска сенка. А баш убаво ќе стоеше место „фројдовско“ ова или она - „ебинг-ово“.

Капитално дело на австро-германскиот психијатар Крафт-Ебинг, чиј главен интерес била сексуалната патологија, било Psychopatia Sexualis, книгата која предизвикувала скандалозни реакции во Европа во 1886, а која е првата позната научна студија на сексуалната девијација. Речиси сто години таа била најинформативната книга на оваа тема.

Истражувањата на Крафт-Ебинг со децении претходеле на оние на Фројд, а вклучувале 238 случаи на „девијантни активности“ како садизам, мазохизам, фетишизам и други. Плус, тој е автор на терминот - „анилингус“.

На ваквата „кинки“ содржина тој ѝ пристапувал многу сериозно, велејќи дека нејзината намена е да ги истражи домените на природната филозофија и медицината. На прв поглед изгледал како воздржан научник, живеејќи тивок и конвенционален живот со сопругата Марија Луиза.

Но по неговата смрт во 1902, помеѓу документите во личната библиотека биле пронајдени „мрсни“ разгледници и фотки (да имало компјутери кој знае што уште би се нашло). Тие пред неколку години биле изложени во музеј во Лондон, и тоа е всушност единствената архива која постои на ексцентричниот сексолог, чии семинари биле опишувани како „гламурозни“ и „сензационални“.

Фотографиите се веројатно од втората половина на 19 век, но никогаш претходно не биле објавени и не биле спомнати во литературата. Сликани се во студио, со употреба на различни реквизити, а на некои од нив се забележува и рана верзија на фотошоп (употребен за женските тела да делуваат позаоблени).Ѕвезда на неколку од нив е анонимен маж, облечен во женска облека. Ова е во време кога крос-дресингот бил регулиран, па дури и криминализиран во повеќе европски земји. Веројатно фотките циркулирале помеѓу мала група луѓе, а дали хер доктор бил заинтересиран за активноста приватно или само професионално, тоа не е баш јасно.

Некои од неговите ставови, на пример за тоа дека хомосексуалноста е болест, денес се надминати. Но неговото дело, а особено овие фотографии, даваат увид во повеќе нијанси еротика отколку што мислиме дека имало пред ова наше време.

16 април 2018 - 13:44