Хуманистичките науки не му се потребни на бизнисот (но им требаат на луѓето)

„Да ја очовечиме технологијата!“ е повик кој не е нов, но кој се наметнува со сè поголема итност. Во ваквиот проект хуманистичките науки можат многу да помогнат, но само доколку се земат сериозно, а не исклучиво како извор на „финти“ за зголемување на ефикасноста и добивање уште поголема моќ.

Во септември една анегдота во врска со Марк Закерберг, извршниот директор на Фејсбук, стана вирална. Кога некогаш загубил партија Скребл од ќерка-тинејџерка на негови пријатели, тој набрзинка напишал едноставна компјутерска програма, која врз основа на буквите со кои располагал му ги нудела сите зборови со кои можел да игра. Девојката изјавила дека во текот на играта, во која нејзин реален противник била всушност програмата, оние наоколу заземале страна: тим за човекот и тим за машината.

Сторијата стана популарна бидејќи лесно се толкува како алегорија за главниот „хакер“, решен да најде техничко решение за секој проблем, од кои повеќето многу посложени од Скребл - лажни вести, поларизација, отуѓување. И ова не се само технички загатки кои можат да се „средат“ среде непроспиена ноќ, туку некои од најсуптилните аспекти на човечкото постоење, кои ги вклучуваат вистината, ограничувањето на слободниот говор и потеклото на насилството.

Но што кога водечките ликови во популарната и технолошката култура се такви како Закерберг? Не сосема подготвен преамбициозен карактер, кој мисли дека со помош на машини може да реши сè?

Она што им недостасува на таквите како него е можеби малку образование од хуманистичките науки, вели психијатарот Џанпјеро Петригљери во Харвард Бизнис Ривју. Такви предмети кои идните лидери треба да ги подготват за соочување со дилеми и комплексностите на човечките животи и општества, а кои денешните технолошки генијалци ги немаат поминато. Повикот за „повеќе хуманизам во технологијата“ е редовен на актуелните собири на раководните лица на најголемите технолошки компании во моментов, таков кој се однесува на сите бизниси кои почнуваат да го заменуваат човечкото со машината.

Но ова не е прв пат во историјата да се слушаат вакви повици за „очовечување“ на технологијата. Во 1930-тите Елтон Мајо го почнал Движењето за човечки релаци, документирајќи го порастот на продуктивноста кога фабричките работници биле третирани како луѓе - достоинствено и грижливо. Движењето било критика на влијанието на научниот менаџмент на Фредрик Тејлор, кој ги сведувал работниците на штрафчиња во индустриските машини чиј единствен интерес била ефикасноста.

Целта на Мајо било враќање на вербата во поединецот и неговата општествена функција, како и во солидарноста во групата. Ваквите повици се појавуваат секогаш кога се актуелизира нашата загриженост околу технолошките и економските трендови. По финансиската криза од 2008 бизнис училиштата побрзаа да ги зајакнат курсевите по етика, предметите кои промовираат личен развој и укажуваат на значењето на општественото влијание. Изгледа дека денес ни се повторно потребни хуманистичките науки, бидејќи во спротивно дигиталната рефолуција ќе прерасне во (нова) Тејлорова реформација.

Ова не значи само дека фаците како Закерберг треба да читаат повеќе книжевност и теорија - Џејн Остин, Џорџ Орвел, Мишел Фуко. Тие треба длабоко во себе - преку она што ќе го научат низ литературата - да го преиспитаат своето уверување дека технолошките и економските сили се недвосмислени носители на прогресот. Во оваа приказна технологијата е онаа која го става лебот на масата, а хуманистичките науки се „домаќинките“ чии ингеренции важат само дома. Тие не смеат да покажат сомнеж, да иницираат конфликт туку само да ги направат бизнис лидерите поемпатични и помоќни.

Ова е некој вид „практична хуманистичност“, необичен хибрид кој не е од голема корист. Кога ќе му се обратиме за од него да украдеме некоја финта, а не за реално да црпиме мудрост, тогаш човечкото во хуманистичките науки се губи. Тие ја губат својата моќ доколку не им дозволиме да понудат критики, метафори, и патишта на решавање на некој проблем кој не се само ефикасен целесообразен рецепт. Ако нешто функционира, па дури и да функционира совршено, не значи дека треба да биде применето и да постои.

Хуманизмот и инструментализмот, накратко, не можат да си ги решат меѓусебните проблеми, затоа што тие СЕ проблем едни за други. Нивниот брак е во најдобар случај таков на добро споени антагонисти, и тие и треба да останат такви. За да го направат бизнисот подобар, истовремено правејќи нè подобри луѓе.

7 ноември 2018 - 08:18