Гринавеј планира да изгради тркачка патека во чест на Керуак

Има формално уметничко образование, а за своите авангардни филмови црпел инспирација од старите сликарски мајстори. Сега режисерот Питер Гринавеј работи на неговото веројатно најамбициозно дело до сега - вистинска тркачка стаза, во форма на уметничка инсталација под отворено небо.

Стазата - проект кој е се уште во почетна фаза - ќе биде изградена во знак на почит кон култната класика „На патот“, приказна за хедонистичко патување со кола низ САД. Само што сега Гринавеј сака да го прилагоди чувството за авантура на Керуак за 21-от век, и да поттикне прашања во врска со иднината на патиштата и начинот на кои ќе ги користиме.

Уметничката инсталација (според скиците на режисерот, како онаа погоре) ќе се протега на површина од 4.000 метри квадратни, а на патот ќе возат автомобили без возачи и други „многу современи“ возила. За целата работа да изгледа што пореалистично, крај патот ќе има и објекти во природна големина. Иако локацијата на инсталацијата засега не е утврдена, се зборува за Дубаи, од каде веќе има заинтересирани инвеститори.

„Сега живееме во време на електрични автомобили и се случуваат секакви експерименти. Ме заинтригира можноста за презентација на компјутерски раководено возило без возач како уметничко дело“, изјавил Гринавеј. Тој смета дека фактот што колите на иднината нема да ги возиме самите ние одзема од возбудата, и прави човекот да се чувствува бесполезно зад волан над кој нема никаква контрола.

Режисерот, кој денес има 76 години, никогаш не ја има заборавено книгата која ја читал како тинејџер, а името на Керуак му останало врежано како симбол на отпор и бунтовништво.

16 јануари 2019 - 17:03