Град опседнат со бројот 11

За Скопје тоа е бројот 2014. За голем број други е „несреќната“ 13-ка. Но еден град во Швајцарија повеќе од пет века има необична врска со бројот 11.

Кога 11-те запчаници ќе ги активираат 11-те ѕвончиња на часовникот на плоштадот во Солотурн, Швајцарија, еден арлекин удира со чеканот за да означи 11, 12, 17 и 18 часот, додека свири неофицијалната химна на градот. Така, тој не само што го мери времето, туку и ја открива чудната фасцинација на жителите со бројот 11.

Основан од Римјаните пред 2000 години, но заборавен од туристите заради неговата близина до главниот град Берн, Солотурн е дом на 11 цркви, 11 капели, 11 фонтани, 11 кули и 11 музеи. Некои од зданијата се од антиката, но други, како единствениот музеј во Швајцарија посветен на компјутерите и технологијата, се ептен модерни, а тој има и интересно име - ЕНТЕР.

Сепак, највпечатливо здание во градот е катедралата на св. Урсус, која била градена во тек на 11 години, од италијанскиот архитект Гаетано Матео Пизони, кој во неа вклучил голем број симболи и знаци. Има 11 редови скали, потоа уште 11, па уште толку. Крај скалите има две фонтани, секоја со по 11 прскалки кои се активираат лете. Има 11 врати, а структурата е поделена на три дела - секоја по 11 метри. Пизони го осмислил проектот на овој начин по барање на властите, а олтарите ги направил од 11 видови мермер.

Жителите секако ја знаат приказната, но ниту еден не знае кога и како градот станал опседнат со бројот 11. Народна легенда вели дека некои волшебни џуџиња дошле од блиската планина, кои ги натерале луѓето од овој град напорно да работат и да се издигнат од сиромаштијата - оттаму и почитта за 11, на германски елф.

Но не е само фолклорот можниот извор на опседнатоста - во 1481 Солотурн станал 11-тиот кантон во Швајцарската конфедерација, а до 16 век бил поделен на 11 протекторати. Првиот градски совет избран во 13 век пак се состоел од 11 членови.

Сега градот се обидува да го искористи бројот за да се промовира пред туристите, кои додуша ретко навраќаат тука. Еве, ние некако се инспириравме, особено по информацијата дека постои семејна пивара „Единаесет пива“ во чии буриња се чува и 11-годишно виски.

13 февруари 2019 - 09:35