Една поинаква историја

Големиот масакр на кучиња и мачки во Британија

Деновиве (и не само деновиве) кај нас е актуелна темата со расфрлањето отров по улици со кој се трујат уличните животни. Но во екстремни околности низ историјата луѓето се решавале сами да ги еутаназираат своите миленици. Оваа книга зборува за една таква трагедија, која се случувала непосредно пред Втората светска војна.

„Големиот масакр на мачки и кучиња: Вистинската приказна за непознатата трагедија во Втората светска војна“ од Хилда Кин зборува за убивањето на четвртина од популацијата миленици во Англија, кое се случило откако Би-би-си на 3 септември 1939 ја емитувало информацијата дека Британија ѝ објавила војна на Германија. Во неделата која следела, дисциплинираните Британци враќале книги од библиотека, шиеле црни завеси и - си ги убивале домашните животни.

И покрај протестите од владини функционери и добротворни организации за помош на животни, а и во отсуство на каков и да е напад врз британска почва во тој момент, се проценува дека во таа прва, тивка недела од војната биле убиени над 400.000 кучиња и мачки. Пред ветеринарните клиники имало долги редови за еутаназија, што предизвикало и недостаток на хлороформ, но и проблем каде да се погребаат сите тие животни. Од тогаш овој настан како да е избришан од националната меморија, а животните ретко се појавуваат во какви и да е историски сведоштва.

Авторката Кин е британска историчарка која специјализира во необична област - културна историја на животните. Таа за оваа книга користи извори како реклами, дневници, интервјуа и писма, за да покаже дека масакрот не бил резултат на домашна паника, и некаква колективна одлука, туку нешто за што граѓаните мислеле дека е разумна постапка соочени со можноста за хаос, сиромаштија и глад за време на војната, која уште реално не ни почнала. Иако ова е историја на оние кои донеле индивидуална или семејна одлука да ги убијат нивните миленици, тоа е и индиректна историја на оние кои се одлучиле да НЕ го сторат тоа, а тоа се три четвртини од англиското население кое чувало некој тип на животно пред војната. Подоцна, оние миленици кои преживеале ја споделувале судбината на нивните човечки „господари“, делејќи го последниот залак, или криејќи се од бомбите во заеднички засолништа.

Има тука и трагични но и смешни приказни, како онаа за жена која била дадена на суд откако му удрила шамар на командир задолжен за евакуации, бидејќи тој не му дозволил на нејзиното милениче - мајмун - да влезе во јавна скривница. Или имињата на некои од преживеаните животни, како Винстон Черчил, Маркс или Орвел.

„Војната им влијаеше на сите подеднакво“, вели еден соговорник од книгата. Обидот во неа е под „сите“ да се сметаат и животните.