Букбокс гледаше

„Токму сега“ (Right Now, 2019)

Во ноември 2016 излезе Нетфликс серијата Master of None. На Ансари таа му донесе Златен глобус за најдобар актер во ТВ комедија, со што тој стана првиот Американец со азијско потекло кој ја добива оваа награда. И сите го сакаа.

Во јануари 2018, жена под псевдоним „Грејс“ го обвини Ансари за сексуална злоупотреба во статија објавена на сега веќе неактивниот сајт Babe.net. За разлика од слични случаи врзани со други актери, продуценти или режисери, кога на првото му се надоврзуваа други обвинувања, овој остана изолиран. Сепак, потегна голема дискусија околу тоа дали консензуалниот секс, графички опишан во текстот, и покрај тоа што бил непријатен за едната страна, би можел да се дефинира како злоупотреба или малтретирање. Разбирливо со оглед на околностите, Ансари мораше да направи пауза во кариерата, за да се допрецизира и најмалиот детал од инцидентот, и онлајн трибуналот да донесе „партиски“ став. Одеднаш изгледаше дека никој веќе не го сака.

Неговата одлука да излезе со специјален Нетфликс стенд-ап оваа година изгледа како одлучен чекор да се расчисти теренот, врз кој тој би можел да продолжи да го гради она што го почна пред „целата таа работа“ (еуфемизам кој станува код за настанот низ целото шоу). Без да губи ниту секунда, тој седнува на столчето на сцената на Бруклинската музичка академија, и додека околу него режисерот Спајк Џонз орбитира со тешката камера врз себе, тој ги отвара картите - дека во текот на овој период бил „исплашен“, „понижен“ и „засрамен“, но дека на крајот „му било грозно што оваа личност се чувствувала така“.

Иако после ова се очекува дека извинувањето е направено, темата е затворена, и може да се продолжи со вицови со индиски (или какви и да е) пандани на Мујо и Хасо, на кои ќе можеме да се насмееме од срце (за што сме и дојдени), тоа не се случува. Ансари е поставен на сцената под силна светлина, како да е подвргнат на комбинација на полициско испрашување и психотерапевтска сеанса, а текстот ја следи (или поверојатно, ја иницира) ваквата атмосфера.

Да имаше убиено човек, на Ансари ќе му беше полесно - ќе речеше да, го убив, ќе одлежеше затвор и ќе излезеше како слободен човек. Вака, мешавината на вина, гнев и желба да се изгледа искрено во настојувањата за извинување (кому, и за што точно?) создава нелагодно чувство дека не гледате стенд-ап туку некаков прочистувачки ритуал кој не функционира до крај, не затоа што не е добро осмислен, туку можеби токму затоа што е премногу мислен. Местен, така за да не ги дразни играчите на „прогресивниот Кенди Краш“ (она кога собираш поени секогаш кога онлајн ќе искометираш дека нешто не е политички коректно а кое ти носи бодови во вид на социјален капитал), истите оние кои остро ги критикува. И овој двоен аршин - да се држи до брегот додека се обидува тук и таму да пушти и по некоја похрабра заебанција - резултира со по малку збунувачко чувство, и за тоа кому тој всушност му се обраќа, и што му е поентата. А кога човек ќе почне да размислува за ова, комедијата е мртва. Веќе не е смешно.

Њујоркер веројатно најдобро го убоде кога во наслов го опиша настапот како „продуктивна амбивалентност“, шоу кое е веројатно нужно како преод на Ансари кон нешто поинакво и друго. Нешто кое едноставно морал да го направи. Но нам моментите кога тој со тивок глас се обидува да евоцира интроспекција кај публиката околу нејзиното немарно однесување (кон партнерот, кон родителите) ни се премногу дидактички за да можат да се наречат забава. Веројатно клучот за толкување на целата работа е неговата забелешка на крај (кажана со истиот таков драматично тивок глас): „Го видов светот во кој веќе не можам да го правам ова. И чувството беше како да умрев“. Ова за него е можност да продолжи да живее и да работи, а тоа е толку големо бреме што тежи и на рамениците на публиката.

Ова најдобро се чувствува ако после шоуто на Ансари си го пуштиш „Хјуманити“ на Рики Џервејс. Си збори човекот, гајле си нема. Затоа што барем до сега не се појавила неговата „Грејс“. Иако, и да се појави, тешко дека од него би добиле вакво извинување, какво што се мачи да го направи Ансари.

Илина, Букбокс

20 јули 2019 - 11:17