Букбокс гледаше

„Професорот и лудакот“ (2019)

Во 2016 пишувавме за книгата со истоимен наслов, која ја раскажува приказната за правењето на Оксфордскиот речник на англиски јазик. Тогаш најавивме дека ќе се снима филм со Шон Пен и Мел Гибсон во главните улоги. Повеќе од дваесет години по откупувањето на правата, филмот конечно пристигна.

Вистинската приказна е толку интересна што спаѓа во оние, додуша и не толку ретките, од типот „животот ја надминува фикцијата“. Вилијам Честер Мајнор (Шон Пен), пензиониран воен хирург, по траумите од Американската граѓанска војна, го губи умот. При посета на Британија, гонет од параноја, убива човек за кого мисли дека му провалил во собата. Судот го ослободува поради ментална пореметеност и го сместува во психијатриската болница Бродмор, каде добива пристојна просторија, библиотека и можност да слика и пишува.

Истовремено, Џејмс Мареј (Мел Гибсон) и неговите помошници се обидуваат да оживеат проект на британското Филолошко друштво, кој во тој момент е заглавен во ќорсокак - набележување на сите зборови од англискиот со соодветни примери од книжевноста, односно правење на историски речник на овој јазик. И Мареј е на некој начин аутсајдер во ригидниот британски академски свет, затоа што нема формално образование, иако зборува бројни јазици и има огромни познавања од лингвистика. Плус, не помалку важно во контекстот, е Шкотланѓанец со тежок акцент, кој мора со жена и куп деца да се пресели во Оксфорд и да живее практично во колиба.

Начинот на нивната работа од денешна гледна точка е неверојатно примитивен и хаотичен, со ливчиња залепени низ канцеларијата на „редакцијата“ составена од само тројца. Оригиналниот „Скрипториум“ - работната просторија - бил опремен со самоделски изработени полици и 1.029 „фахови“ за рачно пишуваните цитати. Сфаќајќи дека на овој начин нема да ја завршат работата ни за сто години, тие објавуваат оглас до сите Британци да учествуваат во составување на речникот со „испраќање на колку што може повеќе цитати за обичните зборови“ и за такви кои биле „ретки, архаични, старомодни, нови, чудни или користени на необичен начин“. Вистинска лингвистичка демократија, невидена за тогашните британски (а се уште и за нашите, македонски) стандарди.

И тука се случува спојот на првата и втората приказна. Мајнор дознава за повикот, и опсесивно се предава на задачата. Почнува да ја бомбардира редакцијата со зборови и цитати. Уредникот Мареј нема претстава дека неговиот највреден соработник со титула „доктор“ е лудак-убиец, а кога конечно оди во болницата да го запознае, од нозете врзани во синџири сфаќа дека всушност станува збор за пациент. И ова најпрвин не менува ништо во нивното пријателство и соработка, до моментот кога Мареј повторно запаѓа во тешка криза, поттикната од љубовта кон сопругата на неговата жртва, Елиза, на која ѝ ја препишува сета своја пензија, и која често го посетува во затворот (па дури од него учи и да чита).

Целата приказна има огромен потенцијал - елементи на трилер, историска автентичност, љубовна трагика, одлични актери. Но исто како на почетокот со Речникот, некаде нешто тргнало наопаку и резултирало со филм кој по малку наликува на „Скрипториумот“, исполепен со ливчиња-сцени чија меѓусебна врска не е доволно убедлива. Најпрвин се сомневавме во тоа како Гибсон ќе игра некој лингвист-Шкот, но тој излезе најмалиот проблем. Многу поголем е Шон Пен, кој со фаца која повеќе личи на пореметен руски анархист, преглумува дури и за некој што треба да долови лудак, штрчи помеѓу другите, побледи ликови, и од филмот на тој начин прави нешто што личи на монодрама. Ова „бледи“ особено важи за жените во филмот, кои се прилично збунети околу нивното место во приказната. Жена му на Мареј, на пример, најпрвин стоички го прифаќа иселувањето, потоа збеснува кога во еден момент излегувањето на Речникот е доведено во прашање (како и нивните приходи), за на крај храбро да се појави пред членовите на Филолошкото друштво за да го брани својот сопруг. Елиза пак, сопругата на оној кого Мајнор по грешка го убива, де ги сака неговите пари де не, де ужива во неговото присуство (па дури дозволува и да ја бакне) де не, де му пишува (откако експресно учи како) загадочни љубовни пораки, кои уште повеќе му го акцентираат лудилото, де се прашува дали сепак да му прости.

Тоа дека на филмот му фалел добар кормилар станува јасно кога човек сфаќа дека името на режисерот, Пи Би Шерман, кое фигурира на шпицата, е измислено. Откако се откажал од режирање за да игра една од главните улоги, Мел Гибсон го ангажирал почетникот Фарад Сафинија. По завршувањето на снимањето двајцата сакале да додадат неколку недели снимање на Универзитетот Оксфорд, заради постигнување поголема автентичност, со оглед на тоа што најголемиот дел од филмот до тогаш бил правен во Даблин, а колеџот Тринити го „глумел“ Оксфорд. Но продуцентите се жалеле дека буџетот е веќе надминат и дека премиерата не може да биде одложена. Гибсон и Сафинија тужеле сакајќи да го сопрат излегувањето на филмот во првичната форма, но загубиле, па така на крај името на режисерот е отстрането од шпицата.

Без оглед на сите маани кои главно имаат врска со непотребно драматичните епизоди на лудилата на Мајнор, филмот актуелизира приказна која веројатно многумина не ја знаат, а во поширока смисла тема за јазот помеѓу интелектуалните способности и менталното здравје. Истовремено е одлична реклама за речникот чиј прв том излегол на 1 февруари 1884, со целосен наслов „Нов англиски речник базиран на историски принципи, составен главно од материјали собрани од Филолошкото здружение“ на 352 страници со зборови од А до Ant. Цената му била денешни 700 американски долари, а биле продадени само 4000 копии. За споредба, второто издание на целосниот речник, составен од 21.728 страници во 20 тома, беше објавен на хартија во 1989. Од 2000-та се работи на ново, трето издание, а дигиталниот постојано се обновува.

Илина, Букбокс

29 април 2019 - 10:18