Букбокс гледаше

„Името ми е Долемајт“ (2019)

Нов филм на Нетфликс во кој Еди Марфи го портретира Руди Реј Мур, американски комичар, пејач, актер и продуцент од шеесетите на минатиот век, нарекуван „кум на рапот“.

Има ли подобар почеток на комедија од сцена во која Еди Марфи го моли Снуп Дог, радио водител, да пушти песна во етерот снимена во дневната на тетка му?

Отприлика така почнала кариерата на ликот кому му е посветен овој биопик - Руди Реј Мур, најпрвин проповедник и танчар во ноќни клубови, кој се свртел кон комедијата за време на служењето војска во Германија за време на Втората светска војна, каде ги забавувал другарите со пеење кантри песни и со вицови.

Неговиот хумор бил мрсен, дрзок, „кого удрам не жалам“, нешто што сепак не поминувало добро кај мејнстрим продуцентите и дискографските куќи. Огромно влијание во формирањето на неговото алтер-его, ликот на макрото Долемајт, и воопшто на неговиот стил, имале локалните црни бездомници, кои стануваат негови платени „информатори“. Како црн Цепенков, тој на касетофон ги снима нивните умотворби полни безобразлуци, и со мали дотерувања ги пренесува на сцената, преку лик кој еден од скитниците го опиша како некој кој „ѝ ставил лисици на молњата, и го испратил громот в затвор“.

Вистинскиот Руди Реј Мур секогаш им оддавал почит на овие луѓе, цитирајќи ги како извор на своите приказни и рапови. Секако, тој не бил единствениот кој црпел од ова народно богатство - и попознатиот Ричард Прајор, на пример, го има создадено Медбоун, уличниот-филозоф-алкохоличар истата година кога Долемајт дебитирал на филмското платно, инспириран од слични ликови како споменатите.

Откако настапува во клубови и снима три албума со публика во живо во импровизиран сет-ап кои доживуваат огромен успех, барем во ограничениот круг на црнечката публика, Руди решава дека е време за покрупен чекор. Вистинската бесмртност според него е на големото филмско платно, кое би му овозможило да биде на повеќе места истовремено, без да мора да патува илјадници километри. Поголемиот дел од филмот е посветен токму на овој негов подвиг - собирањето екипа од тотално неискусни актери, приучен театарски драматург, бели студенти по камера и дебитант-режисер, кој е всушност црн актер кој „снимал со Роман Полански“ (играл лифт-бој во „Розмариното бебе“). Од напуштен хотел во кој некогаш настапувала Били Холидеј тие прават филмско студио, и среде сиот тој хаос успеваат да снимат филм со сцени во кои има „цицки, смешки и кунг-фу“.

Еди Марфи е одличен во доловувањето не толку на реалниот лик, колку на неговата суштина - тврдоглав, но разбран човек, кој иако е решен по секоја цена да успее, тоа го прави тимски. Во своите проекти тој вклучува луѓе слични нему, маргинализирани не само поради бојата на кожата, туку и затоа што се дебели, сиромашни или жртви на насилство, и од нив прави луѓе кои можат да бидат горди со себе. Одлични улоги имаат и Весли Снајпс како „примадоната“ режисер на проектот, и нам до сега непознатата актерка Да Вин Џој Рандолф во улогата на Лејди Рид, со која Руди прави пародичен дует.

После дебитантскиот „Долемајт“ вистинскиот Руди Мур снимил уште дваесет филмови, меѓу кои наслови како „Шаолин Долемајт“, „Грабежот на лубеницата“ или „Глуп филм за кретени“, сите сега дел од историјата на тн. „блексполојтешјн“ жанр. Неговото комично мантрање пак и денес е извор на инспирација на раперите, а Снуп Дог има изјавено дека да не бил Руди не би постоел ни тој. Овој филм му ја оддава потребната почит, и со својата ноншалантност е баш пријатен за гледање.

31 октомври 2019 - 11:40