Букбокс гледаше

„Американски животни“ (2018)

„Ова не е бaзирано на вистинска приказна“, пишува на почетокот на филмот. За потоа неколку зборови да исчезнат, и да остане - „ова е вистинска приказна“.

Токму тука, во играта помеѓу документарното и фиктивното лежи и основната вредност на овој филм, кој доколку би бил снимен како типична екранизација на вистински настан не би заслужил ни половина од вниманието. Многу поинтересен како авторефлексивна доку-драма отколку како трилер-акција, тој копира веќе познати шеми на мешање на интервјуа со реалните протагонисти во настаните и нивните актерски пандани, НО (и ова е најинтересното) прави споредби и повеќе варијанти на приказните на реалните ликови, чии спомени на нешто што се случило пред скоро петнаесет години се или избледени, или контаминирани од она на што се сеќаваат или мислат дека се сеќаваат другите.

Кентаки, 2004. Ворен Липка, Спенсер Рајхард, Чeс Ален и Ерик Борсук студираат на Универзитетот Трансилванија, чија библиотека е позната по својата збирка ретки книги. Меѓу нив и екстремно вредното издание на „Птиците на Америка“ на Џон Џејмс Одибон, како и оригинал од „Потекло на видовите“ на Дарвин.

Откако Спенсер, студент по уметност, при групна факултетска посета станува свесен за постоењето на ваков посебен оддел, и за книгата на Одибон вредна 12 милиони долари, низ умот почнува да му се метка мисла дека токму тоа е моментот на „прекршување“ на неговиот живот кој цело време го очекувал. И не толку во смисла на парите кои би можеле да бидат заработени од кражба на книгата, туку на некакво возбудливо, дури и трагично искуство, кое би можело од него да направи подобар уметник и позрел човек. Но, барем онака како што е прикажан во филмот, тој самиот никогаш не би се осмелил и реално ова да го спроведе, без многу полудиот Ворен, бунтовник без причина, кој е на раб да си ја прокоцка спортската стипендија со која е влезен на факултет, затоа што едноставно не гледа смисла во трчањето по топка (а ни во што и да е друго).

Следи период на планирање и воведување на уште двајца кои треба да помогнат во беспрекорната изведба. Но тој - планот - има толку дупки, што е однапред јасно како ќе заврши целата приказна.

Дечките се трапави, аљкави, недоволно интелигентни и недоволно одлучни, што на моменти филмот делува како омаж на група идиоти што конкурирале за Дарвиновата награда (pun intended), па дури ни неа не ја добиле - од што биле глупи. Но вистинската намера на режисерот, во која тој само делумно или воопшто не успева (зависи од вашата возраст и ниво на акумулиран цинизам) е да направи да сочувствувате со овие млади и загубени души (или „привилегирани и разгалени белци“ како што го читаат филмот повеќето неблагонаклони критичари), кои својата желба за „интересно“ скапо ќе ја платат. За ефектот на „сироти деца“ да биде поголем забавените сцени на нивното апсење се илустрирани со злокобниот глас на Леонард Коен. Who by fire, who by water...Who by аздис, би требало да гласи прилагодената верзија, за да не биде само лигаво трогателна. 

Целата работа веројатно најдобро ја сумира, во една реченица, кутрата вистинска библиотекарка која при акцијата е насилно „неутрализирана“, кога на крајот на филмот вели: „Дечките сакаа да поминат низ трансформативно искуство, без реално да работат за него“. Ова, ако филмот го гледате со детето, можете да го искористите за педагошка поука. И да се надевате дека таа ќе „фати“.

Претходно: Осврт за „Јас, Тоња“ кој користи слична финта на споредба на фиктивното и документарното

29 август 2018 - 10:22