Гладијатор 2: најчудното продолжение кое никогаш не било снимено

Еден од филмовите во историјата на кинематографијата кои НЕ оставаат простор за двојка/тројка итн. е секако Гладијатор на Ридли Скот. Па сепак...

По два часа од „Гладијатор“, злобниот император Комодус (го играше Жоакин Феникс) ја сумира приказната: „Генералот кој стана роб. Робот кој стана гладијатор. Гладијаторот кој му се спротивстави на императорот. Восхитувачка приказна. Сега луѓето сакаат да знаат како таа ќе заврши“.

Наскоро и го дознаваме тоа. Генералот-роб-гладијатор Максимус (Расел Кроу) го убива Комодус, на тој начин одмаздувајќи се за убиството на својата жена и синот, ослободувајќи ја својата бивша љубовница Лусила и колегите-гладијатори и исполнувајќи ги желбите на поранешниот цар, Марко Аурелие, за демократија во Рим.

Тука буквално нема што да се додаде, особено откако - спојлер за оние што не го гледале - Максимус и самиот ќе умре пред одјавната шпица.

Во 2001 филмот доби пет Оскари, влучително за најдобар филм и најдобар актер и заработи 457 милиони долари. Со оглед на огромниот успех човек не може да им замери на режиерот и продуцентите ако тие посакаат да го повторат. Но „Гладијатор“ не остава ниту едно неодговорено прашање, нема ниту еден логичен начин да се продолжи освен...да се мисли „надвор од кутијата“.

Планот на Ридли Скот било да се најми Џон Логан, еден од сценаристите на Гладијатор, да напише продолжение кое би се одвивало во древен Рим, но без Кроу и без гладијатори. Значи не баш продолжение. Разбирливо, Кроу повеќе сакал филмот да го вклучува и него, и тој самиот најмил друг сценарист, веројатно по австралиска линија. Ник Кејв. Да, тој Ник Кејв.

До тој момент Кејв имал напишано само едно сценарио, за „Духови...на граѓански мртвите“ на Џон Хилкот. Но не можел да одолее на предизвикот. Единствено што прашал било: „Па нели умре во Гладијатор 1?“. „Така некако“, му одговорил Кроу.

Така Гладијатор 2 на Кејв почнува со тоа како Максимус се буди во задгробниот живот. За жал тоа не е прекрасниот рајски Елисиум за кој сонува во „Гладијатор“, туку мрачен подземен свет полн проколнати души како неговата. Со помош на водач-дух, Мордекај (зошто ни звучи ко нешто од Хари Потер?), Максимус пристигнува до разрушен храм каде се среќава со Јупитер, Марс и уште петмина умрени (?) римски божества. Јупитер му објаснува дека еден од нивното друштво, Хефест, ги издал и сега проповеда евангелие за друг бог кој е помоќен од сите од нив заедно (патем, Хефест е грчки бог, не римски, Кејв би требало да го крсти Вулкан, ама ок).

Јупитер нуди зделка: ако Максимус го убие Хефест, тогаш ќе му биде овозможено да биде повторно со својата жена и дете во златните полиња на Елисиум.

И сето ова некако има логика. Сè додека снема логика.

Повторно како човек, Максимус, десет години по смртта, патува за Рим во потрага по синот Мариус, кој иако беше изгорен до смрт во првиот дел, во вториот е жив и здрав. Сојузникот на Максимус од првиот дел, Џуба, повторно е со него, и тие заедно тајно обучуваат група христијански „отпораши“. По голем судир помеѓу нив и Римјаните би се очекувала некаква разрешница и крај на вториот дел, кој би оставил можност за трет. Но Кејв не би бил тој да не ги искомплицира работите. Максимус после оваа битка продолжува со други низ вековите: крстоносните војни, светските, Виетнам и конечно - Пентагон! Kејв во интервју изјавил дека знаел дека продолжението никогаш нема да биде снимено, па си дозволил да се занесува. Како во реплика на царот кој во еден момент вели: „Мојата жирафа беше удрена од гром“.

Пораката е дека со изборот на насилство и вооружен отпор, наспроти оној ненасилниот, Максимус го проколнал човештвото на вечен циклус на крвопролевање. Или на вечни обиди да се извлече продолжение од успешен филм, без никаква потреба од истото. Иако овој на Кејв сепак би сакале да го погледнеме.

11 август 2018 - 10:21