Ајде да летаме

Германскиот збор на годината (пак) не е германски

Лексикографскиот гигант Лангешајд го прогласи традиционалниот „Младински збор на годината“. Победникот - англиското fly.

Некој е „флај“ кога е хај и кул, и спремен да се журка цела ноќ. Германските тинејџери ваквиот наплив на енергија, кој за некои од нас е само далечен спомен, го опишуваат со заемка од американскиот хип-хоп сленг. I'm so fly е раперски начин да кажеш дека ти е супер. Токму тоа - „летањето“ - е германскиот младински (или младешки) збор на 2016.

За да не се заклучи во својата „лингвистичка кула од слонова коска“ познатиот германски издавач од 2008 организира годишен конкурс за најпопуларен збор од современиот германски сленг. Резултатите варираат од крајно креативни, како „харцен“ - глагол кој опишува мрзливост, асоцијација на германскиот Харц 4 систем на социјална помош, преку „смомби“ (кованица од смарт фон и зомби), кога некој истовремено пешачи и си го проверува телефонот, до овогодишниот победник.

Ваквиот натпревар не само што го отсликува развојот и флуидноста на јазикот, туку обезбедува и скапоцен увид во умовите на тинејџерите, за тоа како тие го доживуваат она што се случува во популарната култура и во политиката.

Победникот по пребројување на онлајн гласовите го одредува 20-члено жири кое вклучува и тинејџери). Помеѓу фаворитите оваа година беа и:

- bae (исто така од англиски - before anyone else)
Hopfensmoothie (пиво, иронизирање со здрави пијалоци и храна)
- isso (кратенка од Das ist so - тоа е така, или по битолски „то е“)
- Googleschreiber
Човек кој наместо клучен збор во Гугл пребарувачот внесува урл (што инаку би можел да го внесе во самиот бразуер), асоцијација на „кугелшрајбер“ со значење молив
- Yologamie
Во време на Тиндери-миндери, Фејсбуци, Твитери, врзувањето во моногамна врска делува како глупа идеја. Спротивното - јологамија - е отворена (и по можност среќна) врска
- (поврзано со претходното) Tindergarten
Кованица меѓу Тиндер и Киндергарден (градинка). Тоа е збирката онлајн дејтинг контакти во вашиот телефон, што не значи дека луѓето таму се ко за во градинка, туку дека тие врски се краткотрајни и (главно) бргу се надраснуваат
- Darthvadern
Кога татко на млад Германец ќе му рече, „направи како што ти велам, затоа што сум ти татко“, младиов може да му рече „ај престани да ме дартвејдеруваш!“.

19 ноември 2016 - 10:42