Германски музеј постави изложба за Мајкл Џексон и покрај контроверзноста

Изложбата во Бундескунстлхале била планирана пред неодамнешното емитување на скандалозниот документарец на ХБО. И покрај новонастанатата ситуација, музејот во Бон одлучил да ја постави.

„Мајкл Џексон: на ѕидот“ најпрвин била прикажана во лондонската Национална галерија на портрети, каде била понатаму развиена, а потоа пренесена во Гранд Пале во Париз, каде се затворила на 14 февруари.

Од тогаш сликата за „кралот на попот“ тотално се промени. Со откривањето на сведоштвата на 40-годишниот Џејмс Сејфчак и 36-годишниот Вејд Робсон во документарец кој премиерно беше прикажан на 3 март, за тоа дека како деца тие биле сексуално малтретирани од него, започна период на бојкот на сè мајклџексоновско, особено од страна на радио станиците кои масовно престанаа да ја пуштат неговата музика.

Па сепак, директорот на Бундескунстхале во Бон вели дека дека токму во овој момент е важно да се дискутира за местото на Џексон во историјата на музиката и на културата воопшто. Таа и не била замислена како чествување, туку го прикажува Џексон од различни, често и од критички агли. Тоа според него е многу подобар пристап, отколку бришење на културната меморија.

Изложбата се состои од 134 дела од 53 уметници, како Енди Ворхол, Кит Харинг и Дејвид ЛаШапел, чиј триптих „Американски Исус“ си игра со католичката иконографија. Сите тие го прикажуваат Џексон низ различна призма, што укажува на комплексноста на неговата појава, дополнително искомплицирана со новите обвинувања. Поставката се отвори на 22 март а ќе трае до 14 јули.

Документарецот во Германија премиерно ќе се прикаже на 6 април на германската телевизија. Следниот ден во Бундескунстхале ќе се одржи панел дискусија.

25 март 2019 - 18:40