Интервју со Александар Сани Јосифоски

„Гамбија е милина од земја“

Со Александар се запознавме преку Букбокс, од време на време знае да испрати некој интересен линк или да отпоздрави од некоја далечна земја. За последнава од која се јави се фативме дека не знаеме ама баш ништо. И ете повод за интервју-репортажа, за дестинација која звучи идеална за посета некаде од октомври, кога кај нас ќе фатат тоа загадувањето и маглите. 

„Поздрав од Гамбија“, вели Александар на чет, небаре дур куцка на телефон пие кафе во Дебар маало.

„Гамбија?! Што бараш бре таму? И каде е воопшто тоа?“

Ова повлече мини-истражување за земја која на карта делува како црвоточина во копното на западна Африка, со површина помала од Јамајка. Некогашна британска колонија, татковина на Кунта Кинте, таа деновиве беше актуелна во медиумите заради обвинувањата за силување од три жени упатени кон поранешниот претседател, Јахја Јамех. И тука отприлика завршува она што може површно да се дознае од Гугл. Ама како и секогаш, од жив човек може да се дознае повеќе. Па уште ако е наш човек на теренот...

Како те донесе патот во Гамбија? Колку време си таму и каде си точно лоциран?

Престојувам во регион наречен Сенегамбиа, во близина на главниот град Банџул. Гамбија е позната по фантастичната песочна плажа која е непрекината во должина од 18 км, а во Сенегамбија се наоѓаат повеќето од хотели и резорти. Доаѓам во Гамбија од jануари 2019, а очекувам проектот да го завршам кон крајот на годинава.

Веќе подолго време работам низ Африка. Ова е четврта земја, од 54 држави на африканскиот континент со најмногу држави од сите континенти, во која престојувам. Работам на проект за зајакнување на внатрешните системи на Африканската комисија за човекови и народни права. Тоа е организација под капа на Африканската унија (која е организацијата на сите африкански држави).

Како живеат обичните Гамбијци? Кои им се најголемите проблеми, како слават, на што се радуваат?

Во Гамбија туризмот е главната економска гранка, откако е забранета трговијата со луѓе/робови, и е особено позната и високо популарна дестинација на западно и северно европските туристи, претежно дами.

Обичните Гамбијци се многу весели и позитивни луѓе, огромното мнозинство се верници со почит кон сите. Тоа придонесува во Гамбија да си безбеден и слободно да се движиш. Туристичката сезона трае од октомври до мај/јуни. Во јуни почнува дождливата сезона која трае до септември. Согласно тоа и расположението на Гамбијците е сезонско.

Гамбијците живеат за денес, и многу од нив не планираат долгорочно. Кога е туристичката сезона, тие се среќни, бидејќи со бројните туристи доаѓаат и парите. Задоволни се со малку, а ги имаат сите креативни начини како да дојдат до тие пари. Од работа како ад-хок туристички водичи, преку придружување на европските дами и господа за време на одморот, па до продавање на сокови, сувенири, јавање на коњ и некои недозволени растенија кои таму растат природно и во изобилство.

Така, кога ќе видите џус-бар на плажа, а нема ниту фрижидер ниту сок, ќе знаете дека се продава нешто друго. А продавачите лесно ќе ги препознаете по златните ланци и накит, понекој златен заб, и раста фризури. Секогаш НАСМЕАНИ.

Во сезона, сите се среќни. Кризата настапува со дождот и драстичното намалување на бројот на туристи. Тогаш се понервозни, но за среќа имаат природно многу од растенијата и по цел ден дремат насмеани на плажата. Но, има и Гамбијци кои се ултра фитнес ориентирани. Секој ден трчаат на плажата прават вежби и имаат тела на врвни атлети (без претерување).

Бројни Гамбијци се преселени во Европа, дали преку врска или спонзорство од некој-а турист-ка или преку фамилија, но доста се фамилијарно поврзани со родната земја и доаѓаат да се пофалат со успехот на “запад” и да помогнат на роднините, кои ги има многу бидејќи најчесто бројот на деца во едно семејство почнува со четири.

И, да, слават со песна и танц како и цела Африка, и впрочем целиот свет.

Дали е ок за туризам, кои се најубавите места и како би изгледало патување од Македонија до таму?

Од Европа до Гамбија се стига со авион, најчесто преку Брисел или Истанбул, но постојат и голем број чартер туристички летови, како и со африканските авио превозници. Имам летано од Скопје преку Истанбул, па попатно застанување во Дакар и потоа Банџул или од Виена, преку Брисел, повторно Дакар и Банџул.

За македонски државјани во повеќето африкански земји е потребна виза. Некои земји ја издаваат на аеродром, но за некои е потребно да се извади претходно. И сега тука има еден голем пропуст на македонската дипломатија. Немаме билатерални визни режими со африканските земји. Додека единствена амбасада во Африка се наоѓа во Египет и е без некој посебен капацитет да го опслужува овој огромен континент.

Но после сите административни препреки... КЛИМАТА Е ФАНТАСТИЧНА. Од октомври до јуни е едно долго топло лето со температури од 25 до 30 степени. Плажата е феноменална, ситен песок, топла океанска вода, пријатен ветар, убави погледи, милина.

Како туристичка дестинација, Гамбија знае да биде малку до средно скапа, но за секојдневно живеење, со една просечна пензија, европските повозрасни граѓани живеат доста раскошно и комотно. Ги има такви кои се отселиле таму и немаат никаква намера да се враќаат во своите родни земји.

Гамбија е целосно опкружена од Сенегал со исклучок на излезот кон Атлантскиот океан. Името Гамбија е исто со името на големата река Гамбија, долга околу 1000 км. Таа опкружена со една прекрасна природа и изобилство на растенија и животни. Од неа локалното население се хранело и снабдувало со материјали со илјадници години. Може да се каже дека земјата Гамбија е реката Гамбија. Изобилува со разни видови птици, риби па се до школки од кои прават вкусна чорба.

Но, тука е и индустријализацијата и денешната глобализација, дрвјата се сечат без контрола, рибите се ловат комерцијално од страна на кинески бродови и сè повеќе се уништува природата за сметка на брзиот краткорочен профит. Да ја има и таа страна, и од ден, на ден е сè поизразена.



Некои гастрономски специјалитети и рецепти за нив?

Супа од ракчиња и супа од школки. Риби на жар.

Нашите ограничени знаења за овој континент прават да го доживуваме како да е една земја која се вика „Африка“. Со оглед на тоа што си престојувал и во други африкански земји, дали и како се разликуваат и меѓу себе, и во однос на некој кој доаѓа од Европа?

Скоро сите земји во Африка се меѓусебно различни. Дури и во една земја постојат многу различни стари племиња (или нации) кои си имаат свои обележја. Би сакал да ги споделам моите искуства во земјите во кои сум бил до сега, но мислам дека за тоа треба посебна прилика.

Знаат ли Гамбијците каде е Македонија?

Кога кажувам во Македонија дека одам за Гамбија, ми викаат “Каде!”, со призвук на „што мајка бараш таму“. А пак кога кажувам во Гамбија дека сум од Македонија, ми викаат “Од каде? Ммм, не сум слушнал до сега, каде се наоѓа?”, но за разлика од првото, ова е со учтив и љубопитен призвук. Ова го кажувам често, чисто онака за да укажам на културата и релативноста на работите.

Кој е најинтересниот збор или израз што си го научил, можеби непреводлив на македонски?

Во Африка секое племе има свој јазик, и во една земја може да има многу јазици. На пример во Гамбија ми остави впечатокот називот за супа од ракчиња, која на локалниот јазик ја викаат “ебе” (видео погоре).

Следни планови?

Сега полека се подготвувам за еден голем четиригодишен проект каде сум партнер во конзорциум. Проектот е за клинички испитувања за рана дијагностика на туберкулоза во три африкански држави. Па, до читање...

Илина, Букбокс
(Фотографии: Александар)

4 август 2019 - 21:24