Фотографот Емил Зола

Семејни албуми, стаклени плочи и опрема за фотографска лабораторија кои му припаѓале на славниот француски автор на 4 декември ќе бидат понудени на продажба во галеријата Арткуријал во Париз.

Емил Едуард Шарл Антоан Зола, француски писател, новинар, драматург, ангажиран интелектуалец во политичкиот живот на неговата земја, номиниран за Нобеловата во 1901 и 1902 година, освен пишувањето имал и едно помалку познато хоби - фотографирањето.

Дека Зола бил страсен фотограф се дознало дури во 1979 година, кога неговиот внук Франсоа-Емил Зола објави книга со 480 илустрации. Дедо му почнал да се занимава со фотографија во периодот 1894-5, на 54 години, до смртта во 1902. Во текот на тие неколку години престанал со пишувањето, а светот околу себе го регистрирал низ фотографскиот објектив и тоа преку 7000 слики на семејството, пријателите, Париз и самиот себе.

Од Ајфеловата кула и возовите, до проститутките, сиромашните и болните, Зола ја користел тогаш новата технологија и за да ги архивира, но и да на поинаков начин да ја коментира горчливата реалност на работничкиот Париз од крајот на 19 век, тема со која се занимавал во своето пишувано творештво.

На Зола му бил подарен апарат во 1888 но тој не го користел следните неколку години. Кога еднаш се навлекол на фотографирањето, купил уште десетина други за да биде во тек со најновите изуми. Поседувал сопствена лабораторија, самиот ги развивал своите слики, експериментирал со различни видови хартија, и со правењето „селфиња“.

На сликите се гледаат Александрин, жена му на Зола, нивните слуги, како и Жана Розеро, крупната перачка на семејството која му станала љубовница и мајка на неговите деца. Зола подоцна се преселил за да живее со нив, но на далечина совладлива со велосипед од неговиот поранешен дом со Александрин, по што почнал двоен живот, до моментот на мистериозната смрт од гушење со јаглерод моноксид.

На аукцијата во Париз ќе бидат понудени седум албуми составени од самиот автор, голем број автопортрети, збирка негативи на стакло, како и камерите и лабораториската опрема.

Извор: Ле Фигаро

30 ноември 2017 - 09:53