Антидот на нашите огромни возрасни амбиции

Фотографии од детски мечти

Фотографот Крис де Бод, во соработка со организацијата „Спасете ги децата“, тргнал да визуелизира соништа. Речиси ниту едно од децата со кои разговарал не било прашано до тогаш што е тоа по што мечтае, што го посакува. Детските желби се трогателно мали - доволно е да можеш да се грижиш за растенија, и да возиш такси. 

Соништата се оние нешта што ни се случуваат додека спиеме. Но тие се исто така метафора за она што го посакуваме, за она на што се надеваме. А децата, повеќе од кој и да е, имаат такви желби и надеж дека ќе ги остварат.

Крис де Бод низ овие фотографии се обидува да ги претстави во форма на фотографии овие мечти на деца од различни земји. Еве некои од приказните:

Антонио, 11, Мозамбик (фото горе)

Татко ми одгледува ориз. Напорно работи, а малку заработува. Повеќето од луѓето тука се занимаваат со одгледување ориз, пченка или грав. Сакам да бидам поинаков земјоделец. Сакам да растам крави! Млекото е здраво. Има многу протеини и калциум. Тоа го научив на школо. Сакам да имам фарма со многу крави. И луѓето да не мораат да плаќаат многу за да купат млеко.

Махин, 12, Авганистан

Сакам да станам учителка по математика. Читав за девојче на кое не ѝ било дозволено да оди во школо. Нејзините родители немале пари, затоа што должеле на нивниот бизнис партнер. Девојчето помислило дека нешто не е во ред, па останала цела ноќ за повторно да пресмета. И испаднало дека е обратно - партнерот му должел пари на таткото! Но тој не верувал на нејзините пресметки, па отишол кај некој наставник по математика. Тој му рекол дека ќерката е во право. Бил толку среќен што ѝ дозволил да оди на училиште. Ја сакам приказната затоа што таа покажува колку е важно да се чита, да се пишува и да се разбира математика.

Вилберфосе, 11, Уганда

Сакам да бидам најбрзиот човек на целиот свет. Сите во моето училиште и во моето село ќе бидат горди на мене. Сонувам за моментот кога пристигнувам во селото со мојот медал и трофеј. Сите ракоплескаат и го извикуваат моето име. Пријателите ќе ме кренат на раменици, а моите родители ќе бидат најгорди. За да го остварам својот сон вежбам секој ден. Трчам со часови без да се заморам.

Батол, 14, Јордан

Секој ден гледам серија за една болница. Главниот лик е хирург за срце. Тој секогаш може да ги излечи своите пациенти. Сонувам да бидам како него, затоа што тетка ми има проблем со срцето. Ако станам актер, ќе направам таа повторно да биде здрава.

Хасти, 7, Авганистан

Никогаш немавме книги на школо. Сега имаме убаво катче за читање каде можам да седнам и да читам книга. Посебно ми се допаѓа една за девојче кое се грижи за цвеќиња. Сонувам да бидам како неа. Многу добро се грижам за растенијата дома. Секој ден ги полевам и им кажувам приказни. Едно од нив има пуштено и цветови. Многу убаво мирисаат.

Блаисе, 12, Хаити

Сонувам за многу нешта. По земјотресот од 2010 често имав кошмари. Сега имам пак среќни соништа. Понекогаш сонувам дека сум таксист, а понекогаш дека сум Мајкл Џексон.

Уште детски соништа тука

12 ноември 2019 - 09:58