Феноменот на „немртвите“ и човекот кој ја инфицираше поп-културата со него

Вчера, 16.7, на 77 години, почина Џорџ А. Ромеро, режисер на aнтологискиот „Ноќ на живите мртовци“. Но иако повеќето некролози го слават како филмски автор, тој е многу повеќе од тоа - изумител на феномен кој ја инфицираше целата поп култура со идејата за воскреснувањето која, за разлика од онаа христијанската, не носи ништо добро.

Филмот со кој Ромеро влезе во аналите на светската кинематографија од 1968 беше нискобуџетен црно-бел хорор направен со само 120.000 долари, за мртовци кои инфицирани од мистериозен вирус од вселената оживуваат и почнуваат да ги напаѓаат останатите. Терминот кој се употребува во филмот всушност е ghoul (гул) - чудовиште или зол дух од арапската митологија и фолклорот на повеќе други народи - поврзан со мртви и гробишта и со нагонот за јадење човечко месо. Но тој многу бргу е заменет со еден друг, позвучен: зомби, од францускиот кој се зборува на Хаити, каде „зомби“ е мртовец кој се враќа во живот со помош на локалната, вуду магија.

Првата англиска употреба на „зомби“ е од 1819, а терминот се среќава во историја на Бразил од поетот Роберт Саути. Оксфордскиот речник на англиски, пак, го означува неговото потекло како западно-африканско. Една од првите книги кои го внеле концептот на зомбито во западната култура е „Магичното острово“ на В. Б. Сибрук од 1929, сензационалистичка приказна за наратор кој присуствува на вуду церемонии на Хаити. Следат варијации на тема, „Франкештајн“ на Мери Шели која се поврзува со европскиот фолклор на немртвите, како и филмот „Белиот зомби“ со Бела Лугоши од 1932.

Сепак, до шеесетите, појавата на „немртвите“ во популарната култура била спорадична, сè до спомнатиот филм на Ромеро. Чудовиштата во филмот и неговите продолженија, како и големиот број други наслови инспирирани од истиот жанр (Resident Evil, 28 Days Later, World War Z..) водеа кон формирање на еден поширок концепт - оној на „зомби апокалипсата“, распад на општеството како резултат на „востание“ на немртвите, кое се шири и ја уништува човечката цивилизација - законите, поредокот и „нормалноста“ - враќајќи го човештвото во фазата на дивјаштво.

„Ноќта на живите мртовци“ на Ромеро на времето е толкуван, меѓу другото, како сатира. Но како и секоја добра сатира, таа не е само обично исмевање, туку и сериозно предупредување и коментар. Наративот на зомби апокалипсата е резултат на турбулентиот општествен контекст во САД во 1960-тите, студената војна, расизмот и стравовите за крајот на светот. Лесно е препознатлив и „заразен“ на Запад заради шемата базирана на христијански идеи, но и на архетипскиот страв од одмаздољубиви мртовци кои во себе веќе немаат ништо човечко. Така, тој станува и моќна метафора, за некритичкото покорување на која и да е власт, на слепиот конзумеризам, конформизмот и кариеризмот.

Луѓето кои без ронка емпатија се „јадат“ едни со други, кои никогаш не се задоволни, кои живеат во кататоничка, безумна состојба, тоа се новите значења кои западната култура му го даде на концептот на „зомбито“ кој во контекстот од кадешто потекнува (африканските робови на Хаити) имал пред се политичка функција на заплашување на опресорите со гневот на потиснатите. Случаи на наводен зомбизам не случајно биле актуелни во периодот на американската окупација на Хаити од 1915-1934. Ромеровиот гениј се состоел во спинување на неговата функција - тој најпрвин бил користен на Хаити да ги уплаши Американците, а сега Америка почнала да го користи за да се заплаши себеси.

Ромеро бил визионер и во друга, бизнис смисла. Генерации филмски режисери кои сакале да направат страшен филм по него знаеле дека зомбијата се најлесниот и најевтиниот начин - сè што ти треба се куп статисти и шминка. Секако, малку дигитален апгрејд не е на одмет, за зомбијата да изгледаат поубедливо, а не пародично. Ромеро имал помешани чувства кон епидемијата која ја започнал, велејќи дека на времето бил „единствениот кој си играл на зомби игралиштето“. Бил и меѓу првите кои му доделил главна улога на црн актер а притоа улогата да не е поврзана со расното потекло. Со развојот на технологијата и на жанрот веќе никој не бил заинтересиран за неговите нови идеи за скромно буџетирани хорор филмови чиј акцент е на сатирата и општествениот коментар. Дали тоа значи дека по Ромеро зомби жанрот и самиот станува зомби?

Види и: Водич низ зомбија

17 јули 2017 - 11:34