На неговиот 85-ти роденден

„Фала за танцот“: најавен постхумен албум на Леонард Коен

Наскоро (22.11) ќе излезе до сега необјавен материјал на мајсторот кој почина во ноември 2016, на 82 години.

„Фала за танцот“ е опишан како „неочекувана жетва на нови песни“ и „продолжение на работата на мајсторот“. Коен го замолил син му Адам да ги комплетира скиците останати од нивната претходна соработка на You Want it Darker, објавен во октомври 2016, само еден месец пред Леонард да почине.

Адам почнал да работи сам во гаража во близина на старата куќа на татко му, но подоцна поканил и други соработници, меѓу кои Хавиер Мас, шпанскиот свирач на лаута кој беше дел од бендот на Коен во последниве осум години, како и Демиен Рајс, Ричард Рид Пари од „Аркад Фајр“ и Бек. Како вокал ќе се појави и долгогодишната соработничка на Коен, Џенифер Ворнс.

По повод денешниот роденден на Коен (21.9), Канадската пошта објави серија поштенски марки кои ќе бидат достапни следните две години. Претходно, оваа институција им оддаде чест и на други музичари, меѓу кои Оскар Питерсон и Џони Мичел. Трите марки на кои е прикажан Коен се креирани од дизајнерската фирма Паприка од Монтреал.

Како предвесник на гореспомнатиот албум кој ќе излезе на 22 ноември е пуштена една песна, „Целта“, во која Коен се соочува со смртноста: 

No one to follow
And nothing to teach
Except that the goal
Falls short of the reach

Зборувај ни, Леонард.

21 септември 2019 - 09:52