Ханс Магнус Енцесбергер

Европа за информирани

Германскиот поет и преведувач, добитник на Златниот венец во Струга, применувајќи го Сократовиот метод (јас те прашувам, а ти одговори си сам), преку оваа симулација на квиз за ЕУ поставува куп клучни прашања за нејзиниот сегашен статус, смисла и иднина. 

Ако некое од прашањата ви е неразбирливо, не е до вас и не е до тоа дека не сме во ЕУ. И на еден Француз или Италијанец разликата помеѓу чадор, хебла и пакет помош на моменти исто така му е заматена.

1. За што станува збор кога една интелигентна жена на висока функција ќе изјави: „Доколку пропадне еврото, ќе пропадне и Европа"?
а) За закана?
б) За правдање?
в) За глупост?
2. Имате ли впечаток дека нашиот континент и понатаму постои иако во последните две илјади години исчезнаа денарот, талентот, гулденот, лирата и германската марка?
3. Знаете ли кој го измислил зборот евро, кој до пред дваесет години не постоел?
4. Дали можете да ги дешифрирате акронимите EЦБ, ЕФСФ, ЕСМ и ММФ?
5. Дали ви е познато дека од неодамна во многу европски земји не владеат демократски избрани институции, туку овие кратенки?
6. Дали вие ги имате избрано?
7. Дали тие се спомнуваат во некој европски устав?
8. Дали сте можеби информирани дека одлуките на овие институции „немаат алтернатива"?
9. Имаат ли бескуќниците, работниците или пензионерите право да пријават „финансиски тешкотии", или е тоа резервирано исклучиво за членовите на Еврогрупата, банкарските или телевизиските одбори?
10. На чие барање редовно се удоволува?
11. Дали во последно време сте се сретнале со поимот „финансиска репресија"?
12. Ако да, што се подразбира под него?
а) Кратење на пензиите?
б) Зголемување на даноците?
в) Простување на долговите?
г) Принуден данок?
д) Инфлација?
ѓ) Монетарна реформа?
13. Дали ви се познати името и адресата на „пазарите", кои на евроспасителите им наредуваат што треба да прават?
14. Мора ли крајбрежната стража да процени дали патниците на чамец за спасување се „системски релевантни" па дури тогаш да им помогне?
15. Дали се точни следниве реченици?
„Моќта пружа привилегија дека не мора да се учи" (Карл Дојч)
„Животот без устав е можен, но е бесмислен" (Лориотс Мопс)
16. „Ние донесуваме некоја одлука, ја објавуваме и чекаме некое време. Доколу нема голем протест, со оглед на тоа што мнозинството воопшто не разбира што сме одлучиле, продолжуваме понатаму - чекор по чекор, додека не се случи да не се може назад" (Жан-Клод Јункер, шеф на Еврогрупата)
„Политичарите се како лоши јавачи кои се до таа мерка концентрирани на тоа како да останат во седлото, што воопшто не ги интересира каде се упатиле" (Јозеф А. Шумпетер)
17. Дали Европската комисија некогаш знаела што значи тој чуден збор 'супсидијарност'? Ако да, длаи го има заборавено тоа?
18. Што значи изразот 'квантитативно попуштање'?
а) јога вежба
б) Забрзување на печатарската преса
19. Дали е експертот по уставно право од Билефелд, Гиза, во право кога вели: „Ако имаш проблем можеш да очекуваш само лешинари"?
20. Дали ви се блиски богатите метафори на евроспасувачите, или можеби ви се чинат милитантни, збунувачки или дури и смешни? Дали би можеле да направите јасна разлика помеѓу чадор, хебла, базука, противпожарна заштита и пакет помош?
21. Дали сте убедени во она што Карл Валентин одамна го формулирал: „Па нема веројатно да биде полошо отколку што е сега?"
22. Доколку се воспостави дека воведувањето нова хартиена валута довело до поделба наместо до обединување на Европа, до пораст на омразата наместо до разбирање, дали ќе го промениме курсот, или ќе продолжиме со мотото „затвори очи и буткај понатаму"?
23. Или тоа е незамисливо, затоа што би значело дека одговорните политичари сериозно заболеле од нарцизам?
24. Постои ли Европа од онаа страна на институциите на ЕУ и нејзините 40,000 бирократи, или тие се тие единствените претставници на нашиот континент чиј глас се смета?
25. Дали овие луѓе треба да одлучуваат кој ќе биде прогласен за „анти-европеец"?
26. Дали разбирате зошто европските политичари се однесуваат како никогаш да не би го потпишале Римскиот и Мастрихтскиот договор?
27. Верувате ли дека референдумите толку многу им пречат затоа што би ги отежнале нивните напори на смирување на „пазарот"?
28. Дали е демократијата навистина толку лоша идеја, кога во нужда можеме и без неа?
29. Нели примерот на Кина покажува дека во времето на глобализација и без демократија може да се успее до статус на светска сила?
30. Дали тогаш политичкото одземање на власта од граѓаните е неизбежно, сосе последицата на економско развластување?

3 јануари 2013 - 09:32