Енди Гроув и предноста на параноиците

Во неговата книга од 1996, основачот и извршен директор на Интел, кој почина неделава на 79 години, преку сопствените успеси и грешки во бизнисот гради цела стратегија на менаџирање и раководство. Неговиот совет - ако сте бизнисмен, мора да го очекувате најлошото.

Андраш Иштван Гроф, како што гласело вистинското име на пионерот во индустријата на полупроводници, со-основач на Интел и автор на неколку книги од областа на менаџментот, имал интересен живот.

Роден во 1936, тој избегал од родната земја на 20 години и заедно со уште 200,000 други Унгарци кои тргнале на Запад во потрага по подобар живот, се преселил во САД. Работел сè и сешто, но истовремено студирал и докторирал во областа на хемијата. Во 1968 заедно го со-основал Интел, кој со текот на годините ќе стане еден од светски доминантните производители на микропроцесори.

Во текот на неговиот мандат на извршен директор (до 1998, кога му бил дијагностициран рак на простата) компанијата станала 7-ма најголема во светот, со 64,000 вработени. Поголемиот дел од приходот бил реинвестиран во истражување и развој, а Гроув станал познат повеќе по неговата менаџерска генијалност отколку како иноватор. Знаел да биде тежок, особено кога се соочувал со медиокритетна глупост, а верувал во вредноста на „креативна конфронтација", иако тоа понекогаш значело просто дерење на другите. 

Има напишано седум книги, од кои еден мемоар, и неколку посветени на бизнис стратегиите кои самиот ги применувал и надоградувал со текот на годините. Во „Само параноиците преживуваат: како да се искористат кризните моменти кои ѝ се закануваат на секоја компанија" тој ги анализира токму оние кошмарни моменти на секој лидер, кога на повидок е огромна промена, а компанијата треба речиси преку ноќ да се прилагоди или едноставно да исчезне. 

Овие клучни моменти тој ги нарекува „Стратешки точки на прекршување" (Strategic Inflection Points) кои можат да се случат заради бројни причини - конкуренција, промена на закони, па дури и мали промени во технологијата. Тогаш вообичаените правила на бизнисот престануваат да важат. Но ако менаџерот е доволно креативен и одлучен тогаш компанијата може да излезе од кризата уште посилна отколу што била претходно.

Сепак, главната поента на книгата, која со својата тричлена структура личи на хаику, гласи:

„Успехот раѓа самозадоволство.

Самозадоволството раѓа неуспех.

Само параноичните опстануваат".

Секое опуштање во бизнисот според него бргу им се удира од главата и на менаџерот и на компанијата. Toкму ваквиот став - човек да се подготвува за најлошото дури и кога му е најдобро - му обезбедил на Гроув место во пантеонот на американските бизнис гиганти. 

23 март 2016 - 08:27