За оние што се фураат на хуманитарно

Eмпатијата не чини

Кој би можел да тврди дека ставањето во туѓа кожа, и согледувањето на работите од негова гледна точка, би можело да штети? Нели токму сочувството и емпатијата нè прават луѓе, а не себични ѕверови? Епа, не баш.

Пол Блум, психолог и професор на Јеил, вели дека емпатијата, наместо да служи за сечие добро, всушност само ги влошува работите. Таа, иако на кратки патеки можеби намалува нечие страдање, нè заслепува за долгорочните последици на нашите дејства. Во анимираното видео подолу, Блум објаснува зошто човештвото треба да престане да ја промовира емпатијата, а наместо тоа да инсистира на тн. „ефективен алтруизам“ - начините на кои би можело да се обезбеди најголемо позитивно влијание, врз најголем број животи.

„Емпатијата е причина зошто повеќе се грижиме за дете што паднало во бунар отколку за глобалното затоплување“, вели Блум. Тоа не значи дека детето не треба да се извади од бунарот, туку дека нашите хуманитарни заложби не треба да запрат тука. А обично е така - луѓето откако ќе донираат мала сума, или ќе направат некое мало добро дело, се чувствуваат како да си ја исполниле дневната обврска на емпатија, и со чиста совест возат до работното место, откако на бришачот на прозорци на семафор му дале цели 10 денари и со тоа му го промениле животот на подобро.

За ваквите луѓе постои и посебен економски термин - „топло-на-душата“ давачи (warm-glow givers) - кои црпат лично задоволство од давањето, некаков „раш“ или „кик“ кој има и физиолошка основа (активирање на одредени центри во мозокот кои предизвикуваат фино чувство). Но ова Блум и неговите колеги, морални филозофи, како спомнатиот во видеото Питер Сингер, го нарекуваат „нечист алтруизам“. Егоистичката мотивација не е добра основа за донесување долгорочни одлуки, па оттаму луѓето кои донираат мали суми на повеќе хуманитарни и непрофитни организации само го ситнат ефектот, и повеќе им одмагаат отколку што ги поддржуваат истите.

„Леле, греота луѓево, мора да им помогнеме“ е клучниот аргумент за некои од најдобрите, но и за некои од најлошите одлуки на човештвото, како започнување војни, кои создаваат повеќе жртви отколку што имало луѓе кои наводно требало да бидат спасени со посредство на војната. Единствениот правилен начин на помагање на човештвото според Блум е - без корист за себе и со студена глава. Што во основа значи, без лицемерна и површно сфатена емпатија.

7 ноември 2016 - 10:09