Експеримент што Аристотел би го одобрил

На 16 септември во еден тивок регион во Белгија почна демократски експеримент. Преставници на германското малцинство во оваа земја формираа граѓански совет, кој треба да решава по различни проблеми на жителите. Ништо посебно, освен ако се знае дека тие се одбрани - со лотарија.

Белгијците чиј мајчин јазик е германски се маргинализирана заедница во однос на нивните сограѓани - франкофоните и Фламанците. Ги има малку, само 76.000 од 11 милионското население во земјата, но сепак имаат посебен идентитет, повлијаен од географската близина со Германија, Холандија и Луксембург.

Но благодарение на белгискиот федерален систем, оваа заедница е најмалиот регион во ЕУ со сопствени законски ингеренции: Совет на граѓани составен од 24 претставници одлучува во врска со прашања од областа на образованието, спортот и детските права. Но најинтересен е начинот на бирањето на функционерите - со ждрепка, токму на начинот на кој Аристотел сметал дека е возможно функционирањето на вистината демократија.

„Демократски е кога јавните функции се доделуваат со ждрепка; олигархија е кога тие се пополнуваат преку избори“, напишал тој во „Политика“. Древните Грци за да обезбедат ферски шанси за учество во управувањето за сите кои се квалификувале како граѓани користеле нешто што се викало „клеротерион“, камен столб со жлебови (фото горе) во кои претставниците на различните атински племиња ги фрлале своите различно обоени жетони, кои потоа примитивната „лото“ машина ги исфрлала по случаен избор. 

Нешто слично се случува сега и во спомнатиот белгиски регион, каде Советот на граѓани чии членови се бирани преку лотарија има за задача да го бутка на повисоко ниво секој предлог кој ќе добие најмалку 80% поддршка од своите членови. Проектот го започнал белгиски сенатор, Александар Мисен, чија идеја била „обичните“ луѓе да имаат шанса да ги споделат своите искуства и предлози на начин кој сигурно ќе стигне до соодветните инстанци, како и да се обезбеди „когнитивен диверзитет“, односно различни перспективи и гледишта за решавање одреден проблем. Целта е лојалноста да не биде кон некоја партија, туку кон сопствената совест.

Овој начин на бирање народни претставници не е целосно непознат. Во Ирска, на пример, вака избраните членови на Граѓанскиот совет успеаа во менување на законите за абортус. На истиот начин се формираат и поротите во САД и Британија.

извор: Економист (со претплата)

18 ноември 2019 - 21:21