Една од најзначајните мислителки на 20 век била бугарски шпион?

Името на Јулија Кристева им е познато на книжевните теоретичари, критичари, психоаналитичари и феминисти. Бугарско-француски филозоф, таа уште од 1960-тите живее и работи во Франција. Неодамна излезе вест дека била соработник на бугарските тајни служби.

Кристева, која денес има 76 години, во 1970-тите наводно работела за бугарската ДБК, под живописно кодно име „Сабина“, во одделението задолжено за разузнавање во областа на уметноста и масовните медиуми. Во тоа својство таа соработувала и со балканските тајни служби.

Ова го тврди бугарската Државна комисија за лустрација, според која Крстева била „регрутирана“ во 1971, шест години откако се преселила во Париз, со стипендија на француската влада. Во извештајот не е наведено колку долго била ангажирана, и дали за активностите била и соодветно  платена. 

Во изјава за францускиот неделник L'Obs Кристева одрекува дека била член на бугарската разузнавачка служба. Според неа ваквото обвинување „не само што е фарсично и лажно, туку претставува и клевета“. Таа смета дека некој сака да ѝ наштети, особено заради нејзината активност во унапредувањето на женските слободи во светот.

Списанието објаснува дека нејзиното досие искрснало од архивите затоа што таа работела за бугарско списание, Литературен весник, во чија редакција Комисијата извршила проверка на „сите новинари родени пред 1976“.

Кристева е родена во Сливен, Бугарија, во 1941, во христијанско семејство. Татко ѝ бил црковен сметководител. Таа и сестра ѝ уште како деца посетувале франкофонско училиште што и помогнало подоцна, на 24 години, да добие француска стипендија. Авторка е на над 30 книги, меѓу кои „Пруст и чувството за време“, „Црно сонце: депресија и меланхолија“ и трилогијата „Женски гениј“.

Списанието Форин Полиси ја има рангирано како еден од 100-те најголеми мислители на 20 век. Во моментов е почесен професор на Универзитетот Дидро во Париз и на универзитетот Колумбија во Њујорк.