Еден век од раѓањето на магионичарот помеѓу физичарите

Роден во Њујорк на 11 мај 1918, Ричард Фајнман е една од брилијантните појави во науката, особено заслужен за нејзина популаризација. Почнал да зборува дури по третиот роденден, но потоа имал што да каже.

Син на литвански Евреи, Фајнман како дете дома направил импровизирана лабораторија и уживал во поправање радио приемници. Во основно изработил домашен алармен систем, за да биде безбеден додека неговите биле излезени по работа. И ова е само дел од нештата кои покажувале дека тој ќе биде надарен истражувач, кого денес го нарекуваат најбрилијантниот после Ајнштајн.

Но покрај несомнените придонеси во областа на математиката и применетата физика, она по што ќе остане запаметен и по еден век од неговото раѓање е неверојатната енергија која ја вложувал во популаризирањето на науката - неговиот начин на предавање и на најсложени теми, така за да ги разбере и „обичниот“ човек. Особено уживал во илустрирање на навидум апсурдната теорија на квантна електродинамика, која го објаснува заемодејството на електроните со светлина. Тоа е всушност неговата главна теорија која почнал да ја составува уште како студент на Принстон, а за која во 1965 ја споделил Нобеловата за физика. Според неа, електроните истовремено се однесуваат и како честички и како бранови; позитроните како електрони кои патуваат назад во времето; светлината не се движи од една точка до друга во права линија, туку по сите можни патишта итн.

На овој начин, превртувајќи ги на глава законите на класичната физика, Фејнман на студентите но и на сите заинтересиран им ги објаснувал движењето на топчињата за билијард, бојата на неонските знаци или густината на солта. Кога во 1986 бил замолен да учествува во владина комисија за испитување на катастрофата на Чeлинџер, тој веќе боледувал од два ретки облици на рак поради кои ќе почине две години подоцна. Нo се покажал како незаменлив, особено поради славниот експеримент, кој го објаснува она што се случило во една навидум едноставна реченица, со помош на здрав разум, познавање на физичките закони и чаша вода.

Се обидувал да објасни како функционираат работите, а ги одбегнувал метафизичките прашања околу тоа зошто се такви какви што се. Дел од неговите предавања за дипломци се објавени во 1964, и до сега продадени во 1.5 милиони копии. Собирал автобиографски анегдоти и ги објавил во две книги - „Сигурно се шалите, г-дине Фајнман“ и „Што ти е гајле што мислат другите?“. Тие, како и биографијата на Џејмс Глик од 1992, под наслов „Гениј“, опишуваат еден жив и речиси детски дух, кој освен во науката наоѓал задоволство и во рекреативните дроги, свирењето бонго (од таму и ваквата пасија на Шелдон Купер во „Биг бенг тиори“), топлес барови и други кои стереотипно не се поврзуваат со топ научници. Насловот на првата книга произлегува од муабет со сопругата на некогашниот декан на Универзитетот Принстон, која се извадила од памет кога Фајнман побарал во чајот да му стави и млеко, и лимон. Додуша, неговата склоност од сè да прави анегдоти понекогаш е критикувана, особено во контекст на неговата инволвираност во тн. Проект Менхетен, американски истражувања во текот на Втората светска војна кои ги произвеле првите нуклеарни оружја.

„Постојат два вида генијалци. Обичните правата големи нешта, но ти оставаат простор да помислиш дека со многу труд може да го направиш истото. Но постојат и магионичари, и ти немаш поим како го прават тоа. Фајнман беше магиончар“, изјавил Ханс Бете, нобеловец во областа на нуклеарната физика.

Од бројните анегдоти поврзани со неговото име, една е особено забавна. Кога во 1979 магазинот Омни објавил интервју со Фајнман под наслов „Најпаметниот човек на светот“, неговата сопствена мајка, Лусила, изјавила: „Ако е тој најпаметниот на свет, Господ нека ни е на помош“

Претходно: Писмо до покојната сопруга на Фајнман

12 мај 2018 - 09:19