Збогум од Пати Смит

Другар ми, Сем Шепард

Во младоста Шепард и Смит имале бурна врска. Но и по неколку децении останале пријатели, до последно. Сега, по смртта на другар ѝ, таа се простува од него во текст објавен во Њујоркер.

Ќе ми се јавеше доцна ноќе од некаде на пат, град-дух во Тексас, одмаралиште близу Питсбург, или од Санта Фе, каде ќе се паркираше во пустината, слушајќи го завивањето на којотите. Но најчесто се јавуваше од неговотo место во Кентаки, во студена, мирна ноќ, кога можеш да ги слушнеш ѕвездите како дишат. Само онака, повик доцна ноќе, исто толку out of the blue колку и платно на Ив Клајн; сино за да се загубиш во него, сино кое може да води каде и да е. Со радост ќе се разбудев, ќе ставев малку нескафе и ќе зборувавме за што и да е. За скапоцените камења на Кортез или за белите крстови во Фландерс филдс, или за нашите деца, или за историјата на Кентаки дерби. Нo најмногу ќе зборувавме за писателите и за нивните книги. Латино писатели. Руди Вурлицер. Набоков. Бруно Шулц.

„Гогољ бил Украинец“, еднаш рече, навидум од никаде. Само не туку-така од никаде, туку од едно повеќеслојно „од никаде“ кое, кога врз него ќе паднеше одредена светлина, стануваше некаде. Ќе ја пофатев нишката и ќе импровизиравме до зори, како два запалени тенор саксофони, кои си разменуваат рифови.

Сем сакаше да се движи. Ќе фрлеше јадица или стара акустична гитара на задното седиште од камионoт, можеби ќе земеше и куче, сигурно тетратка и пенкало, и куп книги. Сакаше да се спакува и да замине набрзина, и да оди на запад. Сакаше да добие улога која ќе го однесе некаде каде што не бил, но каде би завршил заради нејзината необичност; осамен човек на закачалка за некоја идна работа.

Во 2012 се сретнавме во Даблин каде тој доби почесен докторат од Тринити колеџ. Често се снебиваше кога беа во прашање почести, но ја прифати оваа, бидејќи доаѓаше од истата институција каде чекорел и учел Семјуел Бекет. Го сакаше Бекет и имаше неколку парчиња текст напишани со негова рака врамени во кујната, до сликите на неговите деца. Тој ден ја видовме машината за пишување на Џон Милингтон Синџ и наочарите на Џејмс Џојс, и вечерта им се придруживме на музичарите во омилениот локален паб на Сем, Коблстоун, на другата страна на реката. Додека се тетеравевме преку мостот, тој го рецитираше Бекет наизуст.

Сем ми вети дека еден ден ќе ми го покаже пејзажот на југо-западот бидејќи, иако имам многу пропатувано, немам видено многу од нашата сопствена земја. Но наскоро му беше поделена сосема поинаква рака карти, која му донесе тежок хендикеп. Постепено тој престана да се пакува и да заминува. Од тој момент почнав да го посетувам, и читавме и муабетевме, но најмногу работевме. Макотрпно пишувајќи го неговиот последен ракопис, тој храбро црпеше од резервоарот на својата ментална стамина, соочувајќи се со секој предизвик кој му го предодреди судбината. Неговата рака, со полумесечина тетовирана помеѓу палецот и показалецот, лежеше на масата пред него. Тетоважата беше спомен од нашите помлади денови - мојата е молња на левото колено.

Додека минуваше преку пасус кој го опишуваше западниот пејзаж, одеднаш ме погледна и рече: „Жал ми е што не можам да те однесам таму“. Се насмеав, бидејќи ние веќе го имавме тоа сторено на некој начин. Без збор, со затворени очи, скитавме низ американската пустелија која пред нас постилаше многубоен ќилим - песок со боја на шафран, па боја на р’ѓа, дури и боја на зелено стакло, златно-зелено и потоа, одеднаш, речиси нечовечко сино. Син песок, реков, полн чуда. Сино е сè, рече тој, и песните кои ги пеевме имаа своја боја.

Имавме рутина: разбуди се. Подготви се за денот. Кафе, нешто за каснување. Фати се за работа, пишувај. Потоа пауза, надвор, седејќи во столиците на чардакот и гледајќи кон земјата. Тогаш не мораше да зборуваме, и тоа е вистинско пријателство. Никогаш да не ти е непријатно во тишина којашто, во најдобрата форма, е само продолжување на разговорот. Се знаевме толку долго време. Нашите патишта не можеа да бидат дефинирани или отфрлени со неколку зборови кои би ја опишале неодговорната младост. Бевме пријатели; за арно или за лошо, само си бевме тоа што сме. Минувањето на времето само го засили тоа. Предизвиците станаа поголеми, но продолживме, и тој го заврши ракописот. Стоеше на масата. Ништо не остана недоречено. Кога заминав, Сем го читаше Пруст.

Минуваа долги, бавни денови. Беше вечер во Кентаки полна со искричави жарчиња од светулки, и звук на штурци и хор жаби. Сем чекореше кон својот кревет и легна, заспа со стоички, благороден сон. Сон кој водеше до неосведочен момент, кога љубовта го опкружи и го вдиша истиот воздух. Кога го вдиша последниот здив почна да врне, тивко, како што тој би сакал. Сем беше повлечен човек. Знам нешто за таквите. Мораш да ги оставиш да диктираат како ќе се одвиваат работите, дури и до крајот. Дождот паѓаше, криејќи ги солзите. Неговите деца, Џес, Вокер и Хана, се поздравија со татко им. Неговите сестри Роксен и Сенди му рекоа збогум на брата си.

Јас бев далеку, стоејќи на дождот пред заспаниот лав во Луцерн, колосален, благороден, стоички лав издлабен во камен од ниска карпа. Дождот паѓаше криејќи ги солзите. Знаев дека ќе го видам Сем повторно некаде во пејзажот на соништата, но во тој момент замислив дека сум назад во Кентаки, сред полињата и крај потокот кој се шири во мала река. Ги замислив книгите на Сем како стојат на полиците, неговите чизми потпрени до ѕидот, под прозорецот каде ги гледаше коњите кои брстат покрај дрвената ограда. Се замислив како седам на кујнската маса, посегајќи по таа тетовирана рака.

Одамна, Сем ми испрати писмо. Долго, во кое ми кажа за сон кој се надевал дека никогаш нема да заврши. „Тој сонува за коњи“, му реков на лавот. „Ќе му го средиш тоа, те молам? Биг ред да го чека таму, тој вистински шампион. Нема да му треба седло, нема да му треба ништо“. Тргнав накај француската граница, додека полумесечина се искачуваше на црното небо. Му реков збогум на пријателот, повикувајќи го, во темната ноќ.

1 август 2017 - 22:48