Доста беше со „позитивни“ мисли: оваа книга сака да се лутите

Наместо да се трудиме по секоја цена да си ги потиснеме негативните чувства и со сила да му се радуваме на животот, како би било да си кажеме што ни лежи на срце? Нова книга со активности го овозможува токму тоа. 

Лота Сонинен минала долго време работејќи во финската издавачка индустрија, уредувајќи прирачници за „позитивност“, наменети да им помогнат на на нејзините сограѓани да излезат на крај со долгите и мрачни зими. Книгите со кои се занимавала секогаш барале од читателот да најде радост во малите нешта и да гледа на светлата страна на работите. Отпрвин тие ѝ биле симпатични, но по некое време целата таа „шајни-хепи“ филозофија ѝ скиснала. Почнала да замислува антидот на позитивните мисли - книга која ќе се занимава со секојдневните фрустрации и нервози, која ќе биде лута и гневна.

Така е родена „Малата книга на лоши расположенија“ со поднаслов „Биди најлошата верзија од себе“. Таа е книга со активности кои овозможуваат да се жалиме, да бидеме лути и да ги кажеме гласно работите кои инаку се снебиваме да ги изречеме. Една од таквите вежби на пример, е правење список на тоа што тргнало наопаку оваа недела, со категории „стандардни проблеми“ и „неочекувани катастрофи“, или пишување писмо на бившиот/бившата за кои се уште мислите дека се крвопии.

Книгата на Сонинен е дел од освежувачки нов тренд во изданијата за самопомош, односно анти-самопомош: „Како да држиш лутина“ од Софи Хана (за која пишувавме тука), „Љубов за несовршените нешта“ од Хаемин Суним и „Супер е да не те бива за нешто“ од Карен Риналди, овие книги ни порачуваат дека нема ништо лошо во негативните чувства. 

И покрај тоа што авторката го пишувала прирачникот пред се за Финците, многу бргу станало јасно дека лошото расположение е универзално - сега книгата е издадена во 30 земји, меѓу кои Индонезија, Кина и Јапонија.

21 февруари 2019 - 11:08