Документарец за г-дин Клозет - човекот кој низ хумор промовира чисти тоалети

Бил успешен бизнисмен. Но својот вистински повик го нашол во промовирање на чисти и безбедни санитарни јазли низ светот. Тоа го прави навистина посветено, и без грам „незгодно“ од табуизирани теми поврзани со нашиот измет.

Недостатокот на пристап до чисти и безбедни тоалети е сериозен глобален проблем. Според податоци на ОН, 4.3 милијарди луѓе, повеќе од половина од светското население, се уште живее без безбедни санитарни јазли, а 673 милиони вршат нужда на отворено. Нетретираниот човечки измет е потенцијален извор на зарази кои се пренесуваат преку водата и храната, и причинител на 432.000 смртни случаи од дијареа секоја година, меѓу кои најчести жртви се децата под петгодишна возраст.

Но ако проблемот е сериозен, тоа не значи дека решението не може да содржи и малку хумор. Запознајте го Џек Сим, или г-дин Тоалет.

Г-дин Сим е 62-годишен бизнисмен од Сингапур, кој се откажал од успешна кариера во областа на недвижнините за да се бори против глобалната санитетска криза, користејќи „клозетски хумор“. Нему му е посветен нов документарец - „Господин тоалет: Светскиот човек број 2“.

Во 2001 тој ја основал „Светската клозетска организација“, и го прогласил 19 ноември за светски ден на тоалетите. 12 години подоцна, ОН го додале овој датум на својот список на официјални Меѓународни денови, а во 2015 ставањето крај на вршењето нужда на отворено станало една од целите на одржливиот развој.

Она што го прави Сим генерално е што отворено и јавно зборува на оваа тема, и собира финансиски средства за нови ВЦ-иња за оние кои ги немаат. Во својата кампања тој знае да се појави во костими од „Игри на тронови“ и „Супер Марио“, и во стил на стенд-ап комичар да кажува „валкани“ вицови или да шета наоколку со капа во форма на гомце. Неговите колеги сметаат дека прави будала од себе, но тој е упорен - дека срањето не е срање тема.

21 ноември 2019 - 18:23