Документарец за чудниот звук што го слушаат 2% од луѓето

Нам откако дознавме за ова некако ни олесна, дека не станувало збор за звуци во нашата глава, туку за признаен феномен. Ако сте меѓу оние кои го почувствувале, добредојдовте во клубот.

За некои е како постојано бууу-кање кое доаѓа од непознат правец. За други како звук на вклучен мотор на паркинг пред куќа. Проценките велат дека станува збор за 2% од населението кое може да го слушне, но иако не станува збор за гласен звук, тој им претставува голем проблем, бидејќи не можат да се отарасат од него.

За вакво бучење на ниво на цел град прв пат е пишувано во 1970-тите, кога стотици граѓани на Бристол се пожалиле до властите дека навечер слушаат необичен звук. Истата приказна во 2016 ја актуелизира Би-би-си, кога извести за идентичен проблем и на други локации. Иако има различни теории, до сега никој нема конечен одговор на проблемот, ниту пак негово решение.

Нов краток документарец под наслов Doom Vibrations прикажува неколку луѓе кои страдаат од последици на ваквото хмкање, кое е најверојатно резултат на звучно загадување од различни извори. Еден од ликовите до сега има потрошено 30.000 долари на судски тужби и на опрема која ја користи за независна истрага. Единственото што ги поврзува случаите кои тој ги има истражено е дека локациите се долж или блиску до цевки кои се под висок притисок (најчесто со гас).

Феноменот има поттикнато куп теории на заговор. „Хамерсите“ како што ги нарекуваат оние кои го слушаат звукот претходно биле ставани во иста категорија со пациенти кои се жалат на тинитус (зуење во ушите), кое погодува 15% од населението. Последните истражувања сугерираат дека специфичната врева која се слуша не е халуцинација, но и дека не е класично зуење. Најверојатно овие луѓе страдаат од екстремна сензитивност на сигнали кои се вон нормалниот опсег на човечката моќ на слушање, слично како што луѓето кои страдаат од електромагнетна хиперсензитивност (која исто така не фигурира како медицинска дијагноза) ги чувствуваат влијанијата на електромагнетните полиња (како братот на Сол во серијата Better Call Saul).

24 јули 2019 - 13:17