Дијамантскиот ѓердан поради кој Марија Антоанета завршила на гилотина

Во историјата е позната како „Аферата на дијамантскиот ѓердан“. Иако изгледа како измислена приказна, станува збор за низа од реални случки кои довеле до уништување на репутацијата, а потоа и до погубување на француската кралица.

Сè започнало со таканаречена „грофица“ - Жан де ла Мот - самопрогласен потомок на поранешно француско кралско семејство, чија врска со реалното благородништво биле сомнителни. Бидејќи не можела да си го дозволи екстравагнатниот живот кој го посакувала, таа одлучила да ѝ се потпикне на Марија Антоанета, која кога сфатила дека станува збор за измамничка, не сакала ни да ја види.

Но грофицата не седела со скрстени раце. Фатила љубовник, кардинал, поранешен француски амбасадор во Виена, кој исто така бил заинтересиран да ја поврати довербата на кралското семејство која некогаш ја имал загубено. Сепак, вистинската шанса за нејзиното вивнување во високите кругови се појавила неочекувано - кога таа дознала дека двајца златари се обидуваат да продадат екстремно скап ѓердан, кој бил дизајниран за љубовницата на поранешниот крал Луј 15, а вредел денешни 15 милиони долари. По смртта на кралот, ѓерданот останал неплатен, а златарите се соочувале со банкрот. Тие се обиделе да го продадат на актуелниот крал, Луј 16-и, но кралицата одбила, велејќи дека „постои поголема потреба од бродови отколку од ѓердани“.

Грофицата, препредена манипулаторка, го убедила нејзиниот љубовник - кардиналот - дека ја ужива поддршката на кралицата, па тој почнал да пишува писма со молби за прием и прошка. Оваа пак, со помош на друг нејзин љубовник, вешт фалсификатор, му одговарала од името на кралицата. Во овие лажни писма, таа зборувала за нејзината желба да го поседува ѓерданот, но дека кралот одбива да ѝ го купи поради тешката финансиска криза во земјата. „Се надевам дека би можеле да ми позајмите пари за тајно да го купам“, напишала таа во една од лажните пораки.

Кардиналот поверувал на писмата, и се согласил да го купи накитот. Била организирана тајна средба во градината на Версај, каде тој требало да се сретне со „кралицата“. Реално, Ла Мот испратила проститутка која личела на Марија Антоанета, и која добро ја одиграла улогата. Целосно убеден во својата одново поставена врска со монархијата, кардиналот се согласил да го плати ѓерданот на рати и го предал на човек за кого сметал дека е пратеник на кралицата. Тој веднаш бил расформиран на делови, а поединечните дијаманти биле продавани во Лондон.

Но измамата била откриена кога златарите, кои не ја добиле ни првата рата, ѝ се пожалиле на кралицата, а таа им рекла дека нема поим за целата работа. Кардиналот бил уапсен, заедно со неговата љубовница, фалсификаторот и проститутката, како и извесен гроф Каљостро, пријател на кардиналот, со кого Ла Мот наводно ја организирала целата акција.

Кардиналот наскоро бил ослободен, но испратен во егзил на еден од неговите имоти во јужна Франција. Во егзил завршиле и фалсификаторот и грофот, а проститутката била ослободена.

Самата де ла Мот пак била осудена на камшикување и доживотен затвор во Салпетрир, озлогласен казнено-поправен дом за проститутки. Сепак, таа успеала да избега преправена во момче, а по пристигнувањето во Лондон, во 1789, објавила мемоар, во кој, очекувано, ја обвинува кралицата за целата афера.

Луј 16-ти и Марија Антоанета, иако немале никаква врска со измамата, на крајот биле главните губитници. Репутацијата на кралското семејство засекогаш било уништено, а јавноста ја сметала Ла Мот за жртва на завера. Аферата ја дискредитирала монархијата, а само неколу години подоцна Марија Антоанета била погубена на гилотина, како симбол на корумпираноста на „стариот систем“.

извор

28 декември 2019 - 15:19