Дали треба да се укине поделбата на машко-женски награди за глума?

Дали има разлика меѓу „доброто“ во добар актер и добра актерка? Ако не, тогаш чуму сите тие родови поделби на наградите, како талентот и вештината за глумење да зависи од анатомијата и хормоните? Некои од големите наградни манифестации почнуваат да ја преиспитуваат оваа концепција. 

Оваа година наградите кои ги доделува Ем-ти-ви (MTV Moive&TV Awards) ќе содржат голем број необични категории. Гласачите онлајн ќе можат да повторно го одберат „Најдобриот бакнеж“, но овој пат и да го дадат својот глас за „Најдобрата борба против системот“ и за „Најдобрата американска сторија“. Сепак, промената која предизвика најголема дискусија се однесува на најрутинската категорија: трофеите за актерство, кои веќе нема да бидат поделени врз база на пол/род, туку во категорија која едноставно ќе се вика „Најдобар актер во филм“ и „Најдобар актер во шоу“.

„Ние мораме постојано да се трудиме не само да реагираме на културата, туку и да ја водиме“, изјавил претседателот на Ем-ти-ви Крис МекКарти во интервју за Си-ен-ен, најавувајќи ја промената. „Доколку сакаме да правиме наградна манифестација која ја прославува содржината, зошто да не ја модернизираме, за тоа навистина да биде така?“ Иако некои ќе замерат и на оваа забелешка, дека филмот и телевизијата се „содржини“, МекКарти вели дека тој е во дослух со младата публика на Ем-ти-ви, која според него има сосема поинакви сфаќања од оние на минатите генерации.

Истото прашање се отвара и за другите наградни церемонии. Ејжа Кејт Дилон, која глуми во серијата „Портокаловото е ново црно“, а која се декларира себеси како небинарен род (ни машко, ни женско, или И машко и женско), неодамна испрати писмо до Телевизиската академија, во кое ги става под прашање родово-специфичните одредници на актерските категории за наградата Еми, несигурна дали да конкурира во категоријата Најдобра епизодна улога за жени или за мажи. Академијата веднаш одговори, дека секој актер може да конкурира во која и да е категорија заради која и да е причина, и дека наградите Еми не навлегуваат во тој избор.

„Она што го сфатив преку моето истражување е дека зборот ’актер’, посебно во однос на оние кои играат во театар, почнал да се користи во доцниот 16 век, како родово неодреден збор“, изјавила Дилон во интервју за Варајети. „Се однесувал на сите луѓе, без оглед на анатомскиот пол или родовиот идентитет“, додека ’актерка’ се однесува специфично на жени-изведувачи. Останува отворено прашањето што ќе значи „Најдобар актер“ во остатокот од овој, 21 век.

13 април 2017 - 08:38