Дали сте „амбивертни“?

Понекогаш имаме впечаток дека психолозите си го заработуваат лебот со тоа што периодично смислуваат некоја нова категоризација на личности, кон која посегнуваме како кон хороскоп - за во неа да си го пронајдеме местото, да се препознаеме и конечно да си се сфатиме. Еве уште една таква.

Пред некое време пишувавме за „демисексуалноста“, што не е ни хетеро-, ни би-, ни хомо-, ни а-, туку нешто помеѓу сите овие сексуални опции. Во слободниот (замислен или реален) свет кој нуди бесконечен број опции за самоидентификација, само неколку се недоволни. Уште полошо ако се само две.

До скоро, кога со поп-психолошки жаргон се опишуваше одредена личност, таа беше или екстроверт или интроверт. Второво во последно време како да стана и тренд, што и не е чудно имајќи ја предвид бучавата на светот од која човек понекогаш мора да побегне за да сочува здрав разум. Но има и трета опција, која можеби подобро ве опишува, а не сте знаеле дека ви стои на располагање - амбивертност, односно нешто помеѓу споделување интимни детали со луѓе што прв пат ги гледате и целосна ќутенка.

Екстровертноста не е идентитет на сè или ништо - таа е една од димензиите на личноста која психолозите ја вбројуваат во таканаречените „Големи пет“ својства (заедно со принципиелноста, кооперативноста, отвореноста за нови искуства и невротичноста). Секој од нас е екстровертен до одреден степен, исто како што до одреден степен може да сме невротични или љубезни. Ретко кој е 100% што и да е.

Во студија од 2013 oбјавена под наслов „Преобмислувањето на идеалот на екстровертниот продавач: предноста на амбивертните“ на Адам М. Грант, се анализира однесувањето на 340 вработени во центар за повици. Бидејќи ова се луѓе кои зборуваат на телефон за плата, се претпоставува дека поголемиот број од нив би биле екстроверти. Но две третини изјавиле дека не се чувствуваат ни како посебно отворени ни како срамежливи, туку нешто помеѓу. Истовремено токму тие имале подобри резултати во продажбата преку телефон.

Теоријата на Грант е дека тоа се случува затоа што телефонските повици се нешто повеќе од само зборување. Продавачите мора и да слушаат. Амбивертите се природно склони да го прават и едното и другото, не се премногу нападни, ниту премногу самоуверени. Тоа муштериите го доживувале како многу порелаксирана опција отколку да слушаат некој кој не затвора уста не сослушувајќи ги. И на крај се фаќале за кредитна картичка.

Поврзано: Моќта на интровертните во свет кој не може да престане да зборува (Букбокс читанка)

13 февруари 2017 - 09:31