Човекот кој изеде банана од 120 илјади долари: „Не беше банана, туку концепт“

Минатата недела на големиот уметнички саем во Мајами беше продадено „уметничко дело“ - банана закачена за ѕид со селотејп - по цена од неверојатни 120,000 долари. Еден посетител викендов ја изеде, за без пари. Сега вели дека не лапнал банана, туку нешто повеќе од тоа.

Делото „Комичар“ на италијанскиот уметник Маурицио Кателан викендов беше изложено на еден од најголемите галериски настани во светот - традиционалниот саем Арт Базел (за чиешто базелско издание пишувавме тука), на локација во Мајами Бич.

Бананата која почнала полека да поцрнува закачена на ѕид со самолеплива лента е всушност трето истоветно дело на Кателан, кој и претходните две банани ги продал за по 120,000 долари на приватни колекционери. Со делото следува и серфитикат за автентичност, а сопствениците можат да го заменат oткако ќе скапе.

Сега тоа дефинитивно ќе биде потребно, бидејќи уметникот со грузиско потекло Дејвид Датуна ја изеде изложената банана, давајќи ново значење на коментарот на основачот на галеријата, дека „Делото на Маурицио не е само за предмети, туку и за тоа како тие се движат низ светот“.

Датуна вели дека одлуката ја донел оваа сабота наутро, но го одложил чинот за два часа, „затоа што не бил гладен“. Истовремено, се истакнува дека ова е прв пат случај уметник да изеде нечиј концепт, бидејќи бананата не била (само) банана, туку идеја.

Кателан, кој ја купил бананата на локалниот пазар, е познат по своите комични дела, на пример целосно функционален 18-каратен тоалет под наслов „Америка“ поставен во музејот Гугенхајм, кој неодамна беше украден од изложба во Англија. Во друга поставка од 1999, тој со самолеплива лента го закачил галеристот Масимо де Карло на ѕидот на неговата сопствена галерија.

10 декември 2019 - 09:59