Букбокс читанка

„Врева на времето“ од Џулијан Барнс

Прв роман на Барнс откако доби Букер во 2011 за „Ова личи на крај“, ова е далеку послабо дело, чија единствена добра страна е што, на додуша прилично емоционално воздржан начин, го опишува односот помеѓу уметникот и Моќта - таа „мачка што ги остри канџите од неговата душа“.

Книга за советскиот композитор Дмитри Дмитриjевич Шостакович е замислена како негова фикционализирана биографија, но она на што таа се концентрира се уметничките компромиси кои тој мора да ги прави, соочен со закани по неговиот живот и забрана на неговите дела во времето на Сталин. Тоа прелевање на животот и уметноста прави да се контаминираат и компромитираат и едното и другото, а Шостакович, иако од тешките советски години излегува не само неповреден туку дури и одликуван, на крај е човек кој е длабоко незадоволен од себеси, и свесен за цената која ја платил.

Оттаму, насловот, The Noise of TIme, кој на српски и бугарски е преведен како „Шум на времето“, всушност повеќе зборува за историската врева, бучава, хаос, во позадината на секое уметничко дело, кое му го дава неопходниот историски контекст, но истовремено, особено доколку се работи за музика, може да се вмеша среде некоја прекрасна хармонија и истата да ја избербати.

„Што стои наспроти вревата на времето? Само онаа музика која е внатре самите нас, која доколку е доволно силна, вистинита и чиста би можела да ја замолчи вревата на времето, и да се трансформира во шепот на историјата“, вели Барнс во еден пасус од книгата, посочувајќи на централната идеја, дека само оние дела на Шостакович кои преживеале до денес успеале во тоа, а оние нарачаните, цензурираните и идеолошки окованите, не.

Иако ова е силна поента, на некој начин е штета што роман за еден толку живописен лик како Шостакович кај Барнс е преставен како cartoon character, без длабочина и очекувана трагика. А можело да биде поинаку, ако најсочните детали не биле наведени само како некаков каталог на својства, туку вистински вградени во нарацијата.

Како што пишувавме во текстот посветен на херојската изведба на симфонијата бр. 7 на Шостакович во опколениот Ленинград за време на Втората светска војна, Шостакович бил во најмала рака необичен: ги синхронизирал часовниците во станот, си праќал разгледници на самиот себе за да провери дали поштата добро работи, носел алки од лук против урок, ги читал Гогољ и Чехов (против кои подоцна потпишувал нарачани критички писма), а запрашан дали верува во Бог одговарал: „Не, за жал“.

Паднал во немилост на медиумите и на власта во 1936, по изведбата на неговата опера „Лејди Магбет од регионот на Мтсенск“, кога Водачот на секое погласно свирење на оркестарот, како царот во Амадеус, покажувал очигледно незадоволство. Операта му била забранета, а почнала и цела хајка против него, која додуша не завршила ниту со затвор ниту со прогон заради подготвеноста на соработка на композиторот, кој жив и здрав го дочекал новиот режим.

И сето ова е во ред, но помеѓу апстрактните идеи за музиката, моќта и етиката, фалат хуманоста, потта, крвта и солзите кои би ги пополниле празнините во претходно постоечките, историски биографии на Шостакович. Дали е подобро наместо да се чита оваа книга просто да се пушти една плејлиста со музика од Шостакович? Да. Еве една антологиска изведба на квинтетот за пијано и жичани инструменти опус 57 на Глен Гулд од 1961

18 февруари 2017 - 10:59