Букбокс читанка

„Македонскиот стрип во изданијата на новосадски Дневник“

Зошто е важно тоа дека македонски цртачи биле вклучени во големи проекти во некогашна Југославија, а од таму и во Европа? Затоа што тоа ни кажува дека локалната стрип историја е со многу подолга традиција, и дека е многу побогата, отколку што тоа обично се претпоставува.

Во рубрикава и до сега сме се обидувале да го промовираме стрипот и графичките новели како книжевен жанр, а и да ги поддржиме домашните стрип автори. Но едно ново издание, од авторот Александар Стеванов и неговите соработници Дарко Богданов и Сашо Гачев, ни ги отвори очите за имиња и настани кои прават историјата на македонскиот стрип да е многу подолга и побогата отколку што тоа обично се претпоставува. Оттаму, се најдовме во описот на авторите на една од можните групи читатели - оние кои во текот на осумдесетите биле описменети и живееле на просторот на бивша СФРЈ, но на кои од друга страна многу нешта во врска со учеството на македонската култура во таа некогашна југословенска им се имаат „измолкнато од видокругот“.

А она што не го знаеме или сме го заборавиле и не е толку банален податок. Се работи за учество на наши цртачи во проекти на новосадската издавачка куќа „Дневник“, односно во тоа време мега-популарните стрип-едиции „Златна серија“ и „Лунов магнус стрип“, кои почнуваат да излегуваат во 1968 во просечен тираж од по 100.000 примероци. Главните приказни во нив се од претежно италијанска продукција, со откупување на правата, превод и делумни адаптации (главно заради цензура) на стриповите за Текс Вилер, Загор, Блек, Мистер Но, како и специјални изданија со Марти Мистерија, Дилан Дог и Ник Рајдер. Како да беше вчера ги гледаме наредени не само на штандот, туку и на прозорците на бутките, со раширени зелени платна лете, за кориците да не им пожолтат од сонцето. Иако печатени на евтина хартија и лесно распадливи, тие станаа поп-културно обележје на секој кој сакаше да се нарекува „напредна младина“, воспитна лектира со многу посилно влијание од оние кои ги нудеше формалното образование, и не помалку важно, начин да се учи латиница и српско-хрватскиот јазик.

Но „Дневник“ не само што ги откупувал лиценците за објавување на некои од спомнатите стрипови, туку создал и екипа, составена од цртачи од цела бивша Југославија. Од нивно перо се домашно произведени епизоди од инаку италијанскиот „Велики Блек“ (или Блек Стена), за згодниот русокос трапер со коцкеста брада, кој бил толку популарен кај домашната публика што нејзе не и било битно дали него го црта некој италијански, француски или југословенски цртач. Така се создал „Југословенскиот Блек“ чија цел била, меѓу другото, да ја пополни празнината од италијански епизоди, бидејќи тамошниот издавач едноставно не можел да постигне да го задоволи интересот. Од крајот на 1974 година се појавуваат 65 епизоди потпишани од низа автори од различни краишта од Југославија. Меѓу нив и македонскиот стрип-мајстор кому му е посветено изданието кое го претставуваме, Љупчо Филипов, односно Љубомир Филиповски.

Филипов за „Дневник“ илустрира вкупно три епизоди со Блек, а учествувал и во конципирање на сценаријата за нив. Со уредниците и сценаристите ангажирани од „Дневник“ комуницирал телефонски и преку писма, а првата негова епизода е објавена во 1989, во 820-тиот број на „Лунов магнус стрип“ под наслов „Доселеници“. Истата е објавена и во Италија во 2014. Цитирани се изјави на негови некогашни колеги и соработници, кои сведочат дека за разлика од некои цртачи кои само прецртувале и имитирале, Филипов давал целосно авторски придонес, како сјаен цртач кој истовремено многу одговорно и брзо работел, без скици, туку директно со молив на табла. Тој со уште еден македонски автор, Ласко Џуровски како тушер, работи и на стрип од серијалот „Лун, крал на полноќта“, епизода под наслов „Последниот сведок“ од 1985, по текст на Фредерик Ештон (псведоним за Митар Милошевиќ, уредник на Златна серија, но и автор на десетина книги со теми од НОБ и над 70 акциони романи).

Сите овие и уште куп други информации се присутни во оваа по обем тенка, но по важност голема книга за историјата на стрипот во Македонија. Вклучени се и детални рецензии за секоја епизода нацртана од Филипов и во содржинска и во стилска смисла (со мала забелешка за преситниот фонт во кој се отпечатени овие делови), истражувачка сторија во која авторите не жалеле труд и прецизност дури и за навидум најбаналните детали, на пример колку чинел одреден стрип на времето и колку е тоа во различни валути пресметани според тогашниот курс. И ова не е само „цепидлачење“ туку знак на вистинска одговорност кон историските факти, каква што би требало да покажува секој кој се занимава со минатото.

Филипов починал во 2000 година, на само 52 години, и зад себе оставил веројатно повеќе дела отколку што се достапни на јавноста во моментов. Опишан како „прекрасен“ и „скромен“ човек, кој го работел она што го сакал најдобро што знаел, тој заслужува една вистинска монографија, а зошто да не, и графичка новела која токму во мета-стриповска форма би ја раскажала неговата приказна. Додека има луѓе кои на него се сеќаваат и такви кои чувствуваат, како авторите на оваа книга, морална обврска да им се оддолжат на своите претходници.

Илина, Букбокс

* изданието може да се набави во стрип-книжарницата Бункер

16 јуни 2018 - 12:17