Букбокс читанка

„ЈАС СУМ ЏЕНИ“ од Џени Кетчам

Ако Саша Греј се покажа како просечна авторка на еротски роман, нејзината колешка Џени Кетчам го има целиот потенцијал да заглави во патетична исповед, и јавајќи на бранот на за кратко продолжената слава со ваков тип соголување, на кое публиката исто така мастурбира колку и врз нечии физички голи слики, да исцеди уште некој долар до следниот „проект".

Вака отприлика ќе гласеше освртот за оваа книга да не ја прочитав. Ама после 342 страници поминати не со сила, туку со искрено љубопитство и блага изненаденост, тој ќе гласи поинаку.

Џенифер Кечам на свои осумнаесет години не се разликувала многу од своите врснички. Дувала, пиела, била сексуално палава, и среде сето тоа се обидувала да учи. Додека не се сетила дека својата младост и екстровертност може и да ја продаде. Почнало со фотографии, продолжило со снимање лезбејски сцени кои во светот на порното се сметаат за „невина" фаза, за да заврши со двојна пенетрација. И за сето тоа да се проголта, тони алкохол и „бело". Тоа веќе и не е Џени, туку Пени Флејм, уметничко име кое таа си го присвојува, инспирирано од Битлси, од пламенот на џоинтот и од тоа што се римува со Џени. Во истиот момент кога е веќе толку популарна што сака да отвори сопствен порно портал, доаѓа поканата таа да се појави во реалното шоу на др. Дру, кој е експерт за лечење зависности. Пени не мисли дека е зависник или дека има проблем, туку прифаќа затоа што на тој начин ќе си го рекламира бизнисот, со кого има намера да се занимава и по излегувањето од „клиниката". Ама...

Дека шоуто за Пени нема да биде само бизнис станува јасно уште на прагот на ординацијата, кога таа пополнува тест за сексуални зависници. Начинот на кој се формулирани прашањата (а и нејзините одговори) покажува дека она што стереотипно се замислува како зависност од секс, всушност е повеќе навлеченост не на физички сексуални чинови, туку на прекумерно сексуализирање на стварноста, преку кое се се гради сопствениот идентитет. Тргнете го сексот, и градбата се руши како кула од кутивчиња кондоми. Еве дел од него, во случај некој да се препознае:

П: Дали често сте преокупирани со сексуални мисли?
О: Да. Пенис. Пениси. Пенис-трација.
П: Дали некогаш помислувате дека вашето сексуално однесување не е нормално?
О: Познавам тони порно ѕвезди и курви, и сите тие ми изгледаат прилично нормално. Сепак, нема многу такви кои се имаат истренирано во уметноста на несексуалниот оргазам, како мене, што резултира во прекумерна сексуализација на сите нешта. Значи, да.
П: Дали некогаш се чувствувате лошо во врска со вашата сексуалност?
О: Се чувствувам лошо што не се чувствувам лошо. Што прави да се чувствувам навистина лошо. Да.

Терапијата која следи е тригер за соочувањето на Џени со нејзиното минато, односите со семејството, пријателите, дечковците, колегите и колешките, дилерите, и главно сите оние кои Пени на некој начин ги повредила. Онака како што е поставена приказната, излегува дека таа во ниту еден момент не била ниту изманипулирана, ниту повредена, барем не во онаа мерка во која таа тоа им го правела на другите. Ова е или навистина така, или е резултат на терапевтска школа која се фокусира на сопствената одговорност и непрефрлањето на вината и гневот на другите. Џени од целиот потфат излегува со многу „извинете" и „благодарам", решена никогаш повторно да не работи за dumb money. Единствен момент кога текстот запаѓа во блага патетика е крајот, кога таа на некој од големите порно саеми се обидува да ги продаде предметите и ДВД-ињата поврзани со нејзините поранешни лик и тело, а нејзини долгогодишни фанови со солзи во очите ѝ приоѓаат за да и посакаат среќа, здравје и долг живот како на човек, а не како на сексуализиран објект на нивните желби. Што би рекол уредников на сајтов, „си го питам".

Но анегдотите од порно поглавјето на животот на Пени во книгата се навистина поучни, а често и крајно забавни. Има такви „тривија" кои не можете да ги дознаете на друг начин освен ако не ви ги каже некој од еснафот. На пример дека порно глумците не се ракуваат на крај од некоја успешна сцена, туку се удираат со лактите, што веројатно нема никаква медицинска оправданост туку е повеќе некаков таен, порномасонски код. Каверџект е највообичаениот стимуланс кој го користат машките за да им се крене (нешто ко Вијагра), а дали некој си го инјектирал непосредно пред снимањето може да се види по црвена точка крв на неговите гаќи. Кога колегата се подготвува да ти сврши во фаца не треба главата да ја зафрлаш наназад, затоа што исцедокот во тој случај ќе ти заврши во синусната шуплина.

Најинтересни пак порничи за снимање се оние во кои нема сценарио, туку се некој вид патувачки циркус, во кои на обични луѓе им се нуди „рачна работа" во замена за нивно учество во сцената. Онаа поза кога таа е горе се вика cowgirl, а кога таа е горе ама свртена reverse cow girl. Светлото кое се вперува директно во клиторисот на актерката се вика C-light и си има посебен човек за тоа. Тестовите за гонореја, кламидија и сида се задолжителни, но оние за хепатит и ХП не се. А и првите во најдобар случај се прават еднаш месечно, што за оние најактивните е мнооогу долг период. Ако на актерот му е премногу голем (и не мора да е црнец) тогаш се става Вагисил, што прави местото да истрне, и да не се чувствува ништо. И тука доаѓа најсмешната од сите сцени во книгата, кога некој надарен батка кој треба да ја излиже Пени ја лапа и кремата, и му истрнува јазикот. „ Шо си стапвила ма?" е отприлика како звучи додека не помине дејството.

На Џени после терапијата и соочувањето со своите демони изгледа и оди добро. Едно време пишувала блог „Јас сум Џени", гостувала на Харвард и кај Опра, еве напишала книга, се занимава со сликање, а пишува и колумни за Хафингтон пост. Насловот на најновата од 27 февруари е „Перфектна тројка? Порно, патријархат и капитализам". Го користиме овој повод да ѝ го честитаме Меѓународниот ден на жената - таа најдобро знае како е да се биде тоа.

А видеа сигурно знаете каде да најдете..

8 март 2014 - 00:00