Чадис, џибонс и фантуш: Оксфордскиот речник се збогати со регионални зборови

По повод 90-годишнината од излегување на првото издание, Оксфордскиот речник на англиски јазик минатата година почна кампања под наслов „Зборови онаму каде што сте“. Читатели од целиот свет беа повикани да испраќаат предлози, од кои голем број сега влегоа во речникот.

„Џибонс“ - велшко-англиски термин за младо кромитче; „јат“, име на регионален дијалект од Њу Орлеанс (од поздравот Where y'at?); хиндиш за гаќи, „чадис“, сите овие и голем број други се испратени до редакцијата на Оксфордскиот речник како релевантни лексикографски кандидати, кои заслужуваат место во него поради нивната историја и популарноста на нивната употреба.

Меѓу оние кои сега влегуваат во него е шкотското „фантуш“ (fantoosh), кој датира од 1920-тите и се користи за опишување во пежоративна смисла на нешто пренападно или арогантно. Извадок од Скотс магазин од 1936, на пример, вели: „Нема да му ги мијам прозорците никому само затоа што мисли дека е фантуш“.

Читателите предложиле и куп навреди од шкотскиот, како „бам“ (bam, досаден, глуп човек) или „геги“, во смисла на „муцка“ (shut your geggie, затни си ја муцката).

Од индиско-британскиот внесен е изразот „бакни ми ги гаќите“ (kiss my chuddies), кој прв пат е искористен во британска хумористична серија, додека јужно-африканскиот англиски е проширен со вклучување на „доф“ (dof), со значење „недоволно информиран или будала“.

Оксфордскиот речник и понатаму ќе бара нови одредници за регионалниот речник, очигледно не плашејќи се од тоа дали англискиот ќе остане „чист“ од туѓи влијанија.