Бум на филмови базирани на новински статии

Неколку филмови, чија премиера се очекува до крајот на годината, се базирани на новински статии кои откриваат нечија интересна животна приказна, бизарна сторија или нешто што личи, но не е измислено. Таквите адаптации помагаат ваквиот хибрид меѓу новинарството и книжевноста да не изумре.

Во неколку наврати пишуваме за тн. „ново новинарство“, авторски стил промовиран во САД во седумдесетите на минатиот век, кој претставува хибрид на фактографско новинарство и книжевна естетика.

Со оглед на тоа што се работи за аналитички текстови, за кои треба повеќе концентрација и време (тн. „лонг ридс“), многумина ја предвидуваа смртта на ваквата форма во моментот кога од хартија се премина на монитор. Многу мал број публикации во светот се уште инвестираат време и пари неопходни да се добијат „густи“, наративни прози кои некогаш се наоѓале на страниците на поголемите списанија. Причина: нашите опсези на внимание се имаат скратено на твитови и фб постови.

Но и покрај ваквиот мрачен развој на настаните, 2018 изгледа дека е добра година за новинарството и од краток и од долг вид, како и за новински статии кои се во процес на адаптирање за филм и телевизија. Второво можеби е повеќе резултат на одењето по полесниот пат на филмаџиите на кои им е полесно да адаптираат постоечки книги, песни и во овој случај статии, отколку да смислат нешто оригинално. Па сепак постои апетит за нефикција која е пократка од книга, но подолга од твит.

Прв пример: текст на Џесика Преслер во Њујорк магазин за њујоршката измамничка Ан Делвеј, која со години лажно се претставувала како дел од елитата и се гребела за пари и услуги од познатите. Приказната веднаш стана вирална, а Нетфликс побрза да ги купи правата за серија. Самата Делвеј сугерирала кои од најпознатите ѕвезди би ја играле, нешто помеѓу Џенифер Лоренс и Марго Роби.

Уште една статија од истата новинарка од 2015, за вработени во стриперски клуб кои им прават местенка на своите клиенти од Вол стрит, неодамна почна да се снима, со Џенифер Лопез во главната улога. Истовремено, Бен Афлек и Мет Дејмонд соопштија дека ќе адаптираат статија на Џеф Мејс од Дејли Бист, за поранешен полицаец, кој успеал да ја „хакира“ рекламната наградна игра на МекДоналдс „Монополи“ (која се состоела од налепници на производите преку кои се добиваат парични и други награди), што резултирало со огромен скандал и стопирање на кампањата во 2000-та.

Во септември премиерно ќе се прикажат два филма базирани на вистински приказни. Првата е Белото момче Рик, приказна за Ричард Верш, тинејџерски кокаин бос од Детроит кој станал главен информатор на ФБИ. Статијата е излезена во 2015 во The Atavist и била финалист за престижна новинарска награда. Верш се уште е во затвор, а на големото платно ќе го игра Ричи Мерит. Татко му ќе го игра Метју МекКонахи.

Неколку недели подоцна ќе се прикаже „Стариот човек и пушката“, кој се најавува како последен филм на Роберт Редфорд пред пензија (за што подетално пишувавме тука), за легендарниот ограбувач на банки кој избегал дваесет пати од затвор. И оваа приказна е најпрвин објавена како статија, во Њујоркер, во 2003.

Секако, ова не е прв пат статии да се претвораат во филмови. И тие главно доживуваат голем успех - да се потсетиме само на „Арго“, „Адаптација“ или „Речиси славни“. Правата за овие стории може да достигне и шест цифри, а постои и сајт Epic, каде се објавуваат подолги статии кои би можеле да станат добри филмови (а истовремено се продаваат и правата за нив).

Така, излегува дека ваквите статии не се сметаат за производ сами по себе, туку за начин да се создадат и продадат други производи. Но ако можноста за адаптација е она што му помага на темелното новинарство да преживее, тогаш изгледа никој нема ништо против неа.

10 август 2018 - 11:27