Божјата машина која требала да го донесе рајот на Земјата

Во октомври 1853 група луѓе се собрала во Лин, Масачусетс, и почнала да работи на мистериозна машина. Навидум обична метална конструкција, таа била наречена Нов мотор, на кого му се припишувале божествени својства.

Во 19 век, свештеникот од Универзалитистичката црква на Америка, Џон Мареј Спир, бил познат како радикален реформатор на затворскиот систем и бранител на опресираните. Проповедал ненасилство, укинување на ропството и на смртната казна, еднакви права за црнечкото население и за жените. Но имал и малку полуди идеи.

Првиот знак на тоа дека со Спир нешто се случува се појавил во 1844. Тогаш тој бил претепан од група верски противници, и паднал во кома. Кога се повратил, раскажал дека имал чудни визии за иднината. Најпрвин никој не посветувал големо внимание на овие негови изјави, но набргу станало јасно дека не е баш со сите.

По неколку години Спир (на сликата долу) дошол во контакт со човек кој извршил пресудно влијание врз неговата трансформација. Во 1847 тој напишал осврт за книга под наслов „Принципи на природата, нејзините божествени откритија и гласот на човештвото“, нарекувајќи ја „најпрекрасното дело кое некогаш било направено од смртник“. Но авторот-смртник, Ендрју Џексон Дејвис, тврдел дека тој воопшто не ја напишал книгата, туку дека текстот е составен од комуникации со мртвиот научник и мистик Емануел Сведенборг и древниот грчки лекар Гален.

Дејвис всушност бил меѓу првите промотори на спиритуалистичкото движење од 19 век, кое тврдело дека поседува докази за живот по смртта. Неговите членови станале познати по комуникацијата со духови, преку кодирано тропање на маса. Набргу низ цела Америка се одржувале сеанси и се појавиле куп самопрогласени „медиуми“.

Но Спир не само што присуствувал на ваквите настани, туку почнал да зборува и самиот со мртви, држејќи спонтани „канализирани“ говори и пишувајќи пораки кои наводно некој му ги диктирал. Помеѓу најславните духови со кои си правел муабет биле Бенџамин Франклин и Томас Џеферсон, обајцата незадоволни со правецот во кој оди Америка. Всушност, излегло дека преку „разговорите“ со нив Спир си ги промовирал сопствените идеи за радикални промени во власта, која остро ја критикувал.

И ова не било сè. Со наводна помош од овие големи духови, Спир измислил направа наречена „Нов мотор“, еден вид генератор кој требало да храни со енергија голем број други машини. Во филозофска смисла тоа требало да биде материјализација на Божјото тело, извор на живот на сите неживи предмети, и тоа буквално - моторот требало да создава цела раса други машини кои би се автореплицирале и самите би се напојувале со енергија. Лек за таканаречената „Адамова клетва“ - потребата на човештвото да заработува за леб со сопствената пот, тој требало да доведе до рајско уживање за сите луѓе, да ја укине потребата од робови, од обработка на земја, од фабрики и од женска домашна работа. Ослободени од дневниот труд, луѓето требало да си ги отворат срцата и душите, и да почнат да комуницираат мисли, знаења и желби со целото човештво. Ваквиот нов поредок требало да резултира со еднаквост на мажите и жените од сите раси и религии, со слободна љубов и воспитување на новите генерации без товарот на старите идеологии.

За да ја дизајнира оваа машина Спир паѓал во транс и потоа ги исцртувал сите детали. „Електричното дете“ како што го нарекол овој апарат еден новинар од тоа време, се состоело од црна маса со ногарки врз која биле наредени бакарни, цинкови, железни и магнетни плочи. Спир и неговите следбеници потрошиле околу 2000 долари на проектот (денешни 50.000), а на „детето“ му доделиле и мајка - жена на еден од следбениците на Спирс.

Сепак, сите очекувања дека машината ќе проработи самата од себе, нахранета од енергиите на оние околу неа, пропаднале. По некое време Спир изјавил дека машината била уништена од крадци, иако ретко кој му поверувал. Откако починал, на возраст од 83 години, неговите четири децении активно занимавање со спиритуализам заслужиле само неколку реченици во некролозите. А Новата ера за којашто сонувал, еве, уште не е дојдена.

извор

13 февруари 2019 - 20:52