Кога ќе се зачиташ

Библиотека во Британија во која ти дозволуваат да спиеш

Веднаш ни текна колку добро оправдување би било ова - те немало цела ноќ дома, ама не си пиел туку си читал. И после, логично, ти се приспало.

Местото се вика Хаварден, се наоѓа во Велс, и има локална библиотека која е единствената од „резиденцијален“ тип во Британија. Откако ќе ги пребарате 150.000-те единици во нејзината збирка и ќе го поминете денот во нејзините удобни фотељи, можете и да си прилегнете во 26-те спални соби кои се изнајмуваат во самата библиотека.

Гостите имаат пристап до читалните до 10 навечер, цели пет часа откако библиотеката затвора за останатите. Книгите можат да се носат и во собите, освен оние од збирката ретки книги.

Библиотеката е дом на збирка на својот основач, поранешниот четирикратен премиер, Вилијам Еварт Гледстоун, кој сакал да се осигура дека неговите 32.000 книги ќе останат во Велс наместо да одат во Оксфорд или некаде во Лондон. Особено инсистирал тие да бидат пристапни за оние кои не можат да си ги дозволат.

Кога имал осумдесетина години Гледстоун на рака (со помош на еден асистент и ќерка му) пренел со количка 20.000 свои книги до библиотеката. Потоа самиот и ги наредил на полиците користејќи сопствен систем на каталогизирање. Голем број од страниците на книгите содржат негови мисли и белешки.

По смртта неговото семејство продолжило да ја одржува колекцијата. Резиденцијалното крило било отворено во 1906, а гостите од тогаш можат да уживаат во пријатната читачка атмосфера. Мотото на овој дел од библиотеката е „Спиење со книги“, а цените се од 65 британски фунти по еднокреветна соба со појадок, до 98 фунти за апартман. Попуст имаат студенти, членови на здруженија на писатели и свештенството.

24 ноември 2017 - 08:57