Би спиеле ли во слика на Едвард Хопер?

Навистина не е тешко да се замислите среде слика на овој американски уметник, како гледате низ прозорец од спалната или слушате тивка музика во некој бар доцна во ноќта. Ама сега може и да спиете во соба дизајнирана според негово дело.

„Западниот мотел“ е слика на Едвард Хопер од 1957. Од неа дизајнерите на Музејот на убави уметности во Ричмонд, Вирџинија, конструирале 3Д верзија, на спална соба во која посетителите можат реално да преспијат. Цената е 150 долари на вечер, а не знаеме дали е вклучен и појадок во музејската кантина.

Кој знае како е да се соблечеш по пижами ноќе во празен музеј, да се покриеш со пурпурниот јорган и да гледаш низ (лажниот) прозорец во зелен Бјуик и голите планини во малку позагасита боја.

Ова е дел од поголема изложба под наслов „Едвард Хопер и американскиот хотел“, која претставува тема која се повторува во повеќе негови дела - луѓе, во различни хотелски соби, облечени, соблечени, полуоблечени, кои чекаат нешто. Модел за сите жени, на нејзино инсистирање, била сопругата на Хопер, Џозефин.

Чекањето може да е знак на изолираност, отуѓеност, но можеби е само спокојна осама од вревата на светот. Истата осама која сега може да се доживее и буквално, ако останете една вечер во музејот. Или ако сопствената спална се обидете да ја „насликате“ како Хопер.

извор

14 јануари 2020 - 08:43