Измама или грешка во системот?

Авторката која си обезбеди место на бестселер листата на Њујорк Тајмс со тоа што самата си ги купи книгите

Неодамна Њујорк Тајмс објави необична корекција на една од неговите бестселер листи, која е резултат на се уште недоволно објаснета серија настани. Или некој е многу упатен во начинот на кој функционира системот и го злоупотребува, или...

При крајот на август, во заедницата на автори и продавачи на книги за млади во САД, почна да се пишува за романот „Прирачник за смртници“, паранормална романса од дебитантката Лани Сарем. Романот тивко се појави на врвот на листата на Њујорк Тајмс, како најдобро продавана книга со тврда корица за спомнатата публика. Како е можно авторка која прв пат објавува, за релативно непознат издавач, без никаква реклама, да се појави на ваков престижен список, и тоа на самиот врв?

Тврдењето на социјалните мрежи, на луѓе кои наводно се разбираат во проблематиката, е дека Сарем успеала да го постигне ова со купување на сопствените книги. И покрај тоа што целата работа не е до крај расчистена, колективното „судење“ и изрекувањето казна беше брзо и брутално - книгата на Сарем е избришана од листата, а таа сега се соочува и со поголем проблем. На Амазон читателите намерно ѝ ставаат лоши оценки (една ѕвездичка) и коментари од типот: „Следниот пат потруди се повеќе ако сакаш да напишеш вистински бестселер“ или едноставно „Знаеш зошто“.

Авторката која живее во Лас Вегас, ја опишува својата дебитантска книга како урбана фантазија, за жена која се придружува на магично шоу и влегува во љубовен триаголник. Најпрвин таа била напишана како сценарио за филм, но авторката била поттикната од издавачот да ја претвори во серија книги. Таа планира понатаму сама да продуцира филм на истата тема.

Според бројните дискусии кои ги предизвика овој настан, тешко е да се докаже дека Сарем навистина го „хакирала“ системот на рангирање. Во интервјуата кои следеа по скандалот таа се претставува како жртва, малтретирана почетничка во издавачки свет кој не знае за милост. Но вистината за нејзиниот конкретен случај и не е толку битна - тој само покажа колку малку се знае за продажбата на книги и дека со доволно инсајдерски информации целиот систем може да биде манипулиран. И, можеби уште поважно, дека дигиталните медиуми се во состојба да мобилизираат цела заедница да реагира на (наводна или реална) аномалија, со реални ефекти.

Не дека ова би било прв пат авторите самите да си купуваат книги со надеж дека така би си обезбедиле место на листите. Онаа на Њујорк Тајмс не претставува целосно рангирање на сите книги објавени во САД и на нивните продажби, туку списокот се составува рачно, врз основа на она што одредени книжарници го обезбедуваат како статистика за продажбата на насловите со кои располагаат. Кои се тие продавници точно не е познато, бидејќи тие користат онлајн портал за поднесување на доверливите податоци директно до Тајмс. Од друга страна, бројот на продадени книги кој е потребен за одредена книга да дојде на листата може да варира од недела до недела.

До сега Тајмс имал успех во фаќањето на „самокупувачите“, Доколку знае дека продажбата на одредена книга вклучува нарачка на големо, ја става на листата, додавајќи малку чудно знакче во форма на крст † за да укаже на овој факт. Но книгата на Сарем беше на прво место на листата без ваков знак, што сигнализира дека сите примероци биле купени индивидуално. Теоретски, човек може да нарача поголем број книги, но да ја откаже нарачката непосредно пред испораката, и така да создаде слика за висока побарувачка во краток период, иако книгите реално не биле продадени. Можно е, како што бил случај и со оваа книга, да се нарачаат голем број копии пред самото објавување на книгата (pre-order), што не значи дека тие нема да бидат откажани откако таа еднаш ќе се објави.

Дали Сарем и нејзиниот промотор нарачале 18.000 книги самите, во посебни помали пратки, за да го забошотат фактот дека сепак се работи за купување на големо? Сарем изјавила дека тие купиле околу 5.000 копии за настаните на кои требало да ја промовираат, а дека фановите на истите во претплата нарачале околу 10.000. Сепак 5000 примероци за промотивни активности на дебитантски автор се преголема бројка за некој да може да поверува во неа.

Во целата приказна има многу „дупки“ и нејаснотии, и вистината е некаде помеѓу. Она што останува е скепсата кон каква и да е листа, иако појавувањето на неа за авторот и за издавачот значи пораст на продажбата, слава и пари. Се разбира на сметка на други, кои иако можеби се квалитетни дела, никогаш нема да добијат налепница „Њујорк тајмс бестселер“ и оттаму нема да бидат изложени на највидливата полица во книжарниците или промовирани со голем трепкачки банер онлајн.

Претходно: Измамата зад бестселерите на Амазон

5 септември 2017 - 09:37